Пишува: Свето Тоевски
„Македонците треба да бидат горди што во нивната земја се родила и цутела првата црковнословенска литературна традиција (или култура), која станала основа за сите останати словенски литератури.“ – има кажано своевремено полскиот лингвист и македонист Голомб. Овој негов познат цитат се однесува на огромното значење на македонскиот јазик во контекст на севкупната словенската писменост. Голомб често нагласувал дека македонскиот јазик е клучот за разбирање на старословенскиот јазик, бидејќи токму солунскиот говор на македонските Словени бил земен како основа за првиот писмен словенски јазик. Но, денес седум децении по Голомб грчкиот пратеник Андреас Ворилас се обидува го негира самото постоење на македонскиот народ и идентитет, но и македонскиот јазик, и во Грција и воопшто во Балканот.

Тој оди чекор понатаму и упатува барање до грчката влада за официјална реакција и против активностите на Македонците во Германија, тврдејќи дека тие „претставуваат лажномакедонски идентитет“. Едновремено, Ворилас побара забрана за користење на античките македонски симболи, пред се на Сонцето од Кутлеш, од страна на македонската дијаспора, тврдејќи дека е тоа „ексклузивно грчко наследство“.

Сите овие ставови на Андреас Ворилас се дел од ставовите на широкиот политички спектар на партии, политичари и државни функционери во Грција, кои речиси сите до еден ги оспоруваат македонскиот народ, неговиот идентитет, јазик и национални симболи.
Грците со фалсификати се обидуваат да го „докажат“ (не)постоењето на Македонците, а Голомб со научни аргументи им ја оспорува грчкоста на идентитетот на Грците!
Потпирајќи се врз резултатите од истражувањата на Збигњев Голомб, професорката д-р Елка Јачева – Улчар од Институтот за македонски јазик открива зошто кај Грците постои паничен страв од Македонците.Таа го цитира Голомб, кој го открива одговорот за стравот на Грците и за проблемот со нивниот грчки идентитет. „Современите Грци биолошки се многу поблиску до Словените, одошто до старите Грци. Денешните Грци се само хеленизирани Словени, кои се хеленизирале со примањето на христијанството!” – аргументира Збигњев Голомб во своето дело „Јазикот на првите Словени во Грција: 7 и 8 век“ („The language of the first Slavs in Greece: VII-VIII centuries“), објавено од МАНУ во 1989 година. Значи, Грците денес негираат дека воопшто не постојат Македонци со нивен јазик и идентитет, но, од друга страна, овој полски и светски лингвист со аргументи своевремено им го негирал постоењето на нивниот грчки идентитет , означувајќи ги како „Словени кои се погрчиле“!
Животниот пат и научната кариера на Збигнев Голомб
Збигњев Голомб (Нови Тарг, Полска, 19 март 1923 – Чикаго, 24 март 1994 ) е полски и американски лингвист, индоевропеист, балканист, славист-македонист. Член бил на МАНУ надвор од работниот состав од 1972 година. За македонскиот јазик Голомб се заинтересирал уште за време на студиите, слушајќи ги предавањата на Мјечислав Малецки. Пофесорот Малецки во 30-тите години од минатиот век неколкупати направил дијалектни испитувања на територијата на етничка Македонија, во Солун (во селата Сухо, Висока, Боливец, Илинец, Негован и Ајватово) и во Костур. Резулатите од испитувањата ги објавувал во краковското списание „Словенски народи“, каде што ги објавил и двете книги „Два македонски говора: Сухо и Висока во Солунско. 1. Текстови“ (1934 година) и „Речник. 2“ (1936 година). Малецки имал намера да напише целосна монографија за солунските дијалекти. Го спречила прераната смрт. Неговото дело било продолжено од Голомб, кој во 1958 година во Јагелонскиот универзитет ја одбранил докторската дисертација под истиот наслов. Целиот текст во превод на македонски јазик како „Два македонски говора – Сухо и Висока во Солунско“ е објавен во списанието „Македонски јазик“.

Почетокот на лингвистичките и дијалектолошки теренски истражувања на Голомб во Македонија – почеток и на неговата приврзаност со неа, со македонскиот народ и јазик
Во 1958 година Голомб за првпат доаѓа на научно стажирање во Македонија, Од тоа време започнува неговото пријателство со негови колеги-македонисти од Македонија, но и неговата приврзаност кон Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик до крајот на животот. Неговиот прв престој во Македонија во 1958 година значел и негов прв контакт со македонскиот јазик во живо на терен. Подоцна доаѓал уште трипати во Македонија на подолг период: во 1960, 1968 и 1970 година. Се движел во многу делови на Македонија пеш, ширум и вдолж. Вршел лингвистички и дијалектолошки истражувања во Македонија и учествувал на македонистички научни собири. Голомб бил бил близок соработник на Блаже Конески и Божидар Видоески. Бил ментор на првата докторска дисертација од македонистиката во САД, одбранета од Виктор Фридман. Виктор Фридман е денес исто така македонист со светски углед.
Придонесот на Голомб за проучувањето на македонскиот јазик е непроценлив. Неговото истражување се засновува врз два аспекта: пооддделно јужномакедонските дијалекти, во Егејскиот дел на Македонија, и македонскиот литературен јазик како целина. Научните достигнувања на Збигнев Голомб се изложени во околу стотина научни трудови, од кои 20 се објавени во македонските периодични научни списанија „Македонски јазик“ и „Прилози“ на Одделението за лингвистика и литературна наука на МАНУ. Има објавено монографија за ароманскиот дијалект во Крушево во 1984 година.Неговата последно научно дело е книгата со наслов „Потеклото на Словените: лингвистички поглед“, објавена во 1992 година.