Македонија

ДУИ „алармира“, или „дискретно“ се заканува: Укинувањето раководни места во МВР со Албанци ја загрозува етничката рамнотежа и ќе има долгорочни последици врз општеството?!

Демократската унија за интеграција изразува „сериозна загриженост“ во врска со најавите за реорганизација на раководната структура во Министерството за внатрешни работи, која вклучува укинување значителен број раководни позиции. Како што тврди партијата на Али Ахмети во своето соопштение, „намалувањето на повеќе од една третина од раководната структура во една од најчувствителните институции на државата не е само организациско прашање“, туку тоа ќе имало „директни последици врз правичната застапеност и врз меѓуетничката рамнотежа во безбедносните институции“.

„Тврдењата дека овие позиции не треба да се поврзуваат со етничка припадност, туку исклучиво со професионални критериуми, запоставуваат еден од темелните принципи врз кои е изграден институционалната рамнотежа во државата – правичната и соодветна застапеност. Овој принцип не е политички компромис, туку уставен стандард и клучен елемент за довербата на граѓаните во безбедносните институции.“ – наведува ДУИ.

Оваа опозициска партија потоа ја конкретизира „етничката димензија“ на  својата „сериозна загриженост“: Во сегашните околности, кога значителен дел од овие позиции ги држат Албанци, нивното укинување без јасни механизми за гарантирање на застапеноста создава реален ризик од нарушување на постигнатата рамнотежа. Општите изјави за „нема потреба од загриженост“ не се доволни. – посочуваат „интегристите“ од тетовска Мала Речица.

Според нив, „потребна е целосна транспарентност за новата систематизација, критериумите за избор и конкретниот начин, на кој ќе се обезбеди правичната застапеност во раководните структури на Министерството за внатрешни работи“. „Безбедносните институции не смеат да се третираат како простор за организациски експерименти без проценка на нивното политичко и општествено влијание. Секоја реформа во овој сектор треба да го зајакне професионализмот, но истовремено да ги зачува меѓуетничката рамнотежа и институционалната доверба. Секое отстапување од овие принципи ќе има долгорочни последици врз демократското функционирање и врз општествената кохезија во државата.“ – тврди ДУИ во своето денешно соопштение.

Најнови вести од: Македонија

Клучката кај Момин Поток ќе биде завршена до Нова година

Градежните работи на клучката кај Момин Поток се 75 проценти реализирани. Овој потег ќе биде завршен до Нова година, а по пуштањето во употреба сериозно ќе го намали метежот и ќе овозможи сугурен, безбеден сообраќај, рече денеска градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски изврши увид во градежните работи.

Мирка Гинова, симболoт на македонскиот идентитет и непокор во Егејска Македонија – 80 години од смртта

На денешен ден, на 26 јули 1946 година е стрелана Мирка Гинова, национален деец и борец за македонската кауза и слобода во Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција. „Мирка Гинова била многу активна во организирањето на отпорот против особено жестокиот терор врз Македонците во Егејскиот дел на Македонија, спроведуван од грчката десница и грчките државни органи. Секојдневно го организирала македонскиот народ. Со својата активност станала позната во цела Егејска Македонија, но и за грчката полиција, која поради тоа настојувала да ja убие.“ – пишуваат универзитетските професори-историчари д-р Лилјана Пановска и д-р Тодор Чепреганов во своја научна статија. Гинова е првата жена и Македонка, стрелана во Грција од политички причини. Посмртно е прогласена како народен херој од Македонија.

To top