Селекторот Гоце Седлоски, кој ќе дебитира на македонската клупа во утрешниот мундијалски бараж со Данска во Копенхаген, продолжува да верува во своите избраници и во нивната способност да ја испишат најсветлата страница во историјата на фудбалот во Македонија.
„Ова е голем момент за сите нас. Имаме шанса да се бориме за место на Светско првенство и тоа е мотив што ја обединува целата држава. Данска е квалитетен и респектиран противник, но и ние сме тука со причина.
Во тимот гледам енергија, концентрација и желба. Играчите го разбираат значењето на дресот и верувам дека тоа ќе го покажат на терен. Подготвени сме тактички, знаеме што сакаме да играме, иако одлуката за составот и формацијата останува кај мене.
Ни недостигаат одредени фудбалери, но тоа не го менува нашиот пристап. Данска е силна, но ние сме фокусирани на нашата игра. Во вакви натпревари деталите одлучуваат, а верувам дека имаме што да покажеме. Благодарност до навивачите за поддршката, тоа ни дава дополнителна сила“, изјави Седлоски на прес-конференцијата за мечот утревечер од 20:45 часот на распродадениот стадион „Паркен“, со капацитет од 38.190 гледачи, од кои 1.000 припадници на „македонската фаланга“.