Македонија

Настан на неделата: Сиљановска-Давкова е првиот шеф на државата кој почнал дијалог со средношколците

Средношколски дијалог со претседателката

Неделава во организација на Советот за млади, во Кабинетот на Гордана Сиљановска-Давкова се одвиваше бурен дијалог меѓу шеесетина средношколци.

Предмет на дебатата беа тешки прашања: безбедноста на младите во небезбеден свет; медиумската писменост во амбиент на информативна хиперпродукција; притисокот да се биде успешен во не секогаш рамноправен натпревар, како и односот на младите кон пушењето и марихуаната и развивањето свест и отпорност кон зависноста.

Младите соговорници изразија аргументирани ставови за причините за стравот, насилството и несигурноста, начинот на справувањето со нив, како и можните излезни решенија за нивно редуцирање и надминување.

Претседателката ги спореди состојбите од нејзината средношколска младост со актуелните, заклучувајќи дека младешкиот живот на нејзината генерација бил далеку побезбеден и помирен од сегашниот.

Во однос на прашањето за медиумската писменост, младите укажаа на недоволната писменост кај поголем дел од постарите генерации, од една страна, но и реалната неможност да се разграничат релевантните од нерелевантните информации, како и вистината од невистината, од друга страна, во време на видеократија, информативна поплава и хаос.

Речиси сите, без оглед на индивидуалните специфики на гледањата, укажаа на потребата од креирање механизми за критичка евалуација на прочитаното, виденото и чуеното, како и мудро и внимателно користење на вештачката интелигенција, со оглед на нејзините две лица: лицето на корисна алатка, но и заканата по човековата мисла.

Претседателката укажа на презаситеноста на медиумскиот простор со политика и недозволиво отсуство на информации од областа на науката, културата, образованието и спортот.

Младите мислители умно и отворено говореа за тешкиот притисок да се биде успешен според не секогаш кредибилни стандарди, но и непотистички, партиски и политички влијанија во евалуацијата.

Во низата индивидуални видувања за цигарите и марихуаната, се чини како да се исфилтрира заеднички став дека забраните и санкциите не секогаш се добро решение, како и дека од најраните школски денови треба да се гради свест за можните последици од зависностите.

Најважното за сите е дека, наместо држење лекции за иднината што ќе им припаѓа на младите, тие мора да се вклучат во креирањето политики и одлучувањето за сегашноста.


Најнови вести од: Македонија

Во Салцбург основана нова македонска православна црковна општина „Св. Архангел Михаил“

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина, откако митрополитот европски Пимен даде благослов за нејзино основање во рамките на Европската епархија на Македонската Православна Црква

Сиљановска-Давкова: Нека нишката што ја започнаа браќата Манаки продолжи да се ткае и ткае

Таа посочи дека „Браќа Манаки“ одамна не е само фестивал, туку и културна институција со препознатлив меѓународен авторитет, докажан културен идентитет и долг, духовен и емоционален мост што ја поврзува македонската и балканската кинематографија со светската

To top