Македонија

Младите инженери ѝ се потребни на Македонија, таа мора да ги задржи, како?!

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, присуствуваше и се обрати на одбележувањето на Денот на македонските инженери, по повод 106 години од основањето на првото македонско здружение на инженери, во организација на Инженерската институција на Македонија. Во своето обраќање, министерката испрати пораки за улогата на инженерите во развојот на државата, со посебен акцент на младите и жените како клучни носители на идните процеси.

Младите инженери ѝ се потребни на државата, но денес се соочуваат со дилемата дали да останат или да заминат. За да ги задржиме, мора да создадеме средина во која ќе бидат охрабрени, поддржани и мотивирани да ги развиваат своите идеи и иновации, порачаа учесниците на настанот по повод Денот на македонските инженери. Инженерството е темелна професија за развој на земјата. Македонија ќе биде посилна и помодерна онолку колку што ќе ги почитува, поддржува и задржи своите инженери.

  • На Македонија ѝ требате, млади инженери, како реална сила на сегашноста, со вашиот ум, љубопитноста и храброста да барате нови решенија. Инженерството не гради само објекти туку и доверба во иднината, а професијата мора да се развива во свет на вештачка интелигенција, автоматизација и дигитални алатки – истакна министерката за енергетика, Сања Божиновска.

Таа нагласи дека енергетската транзиција и другите реформи бараат знаење, планирање и одговорност, а особено внимание треба да му се даде на вклучувањето на жените во инженерството.

Претседателот на Инженерската институција, Андреј Лепавцов, истакна дека инженерите се решавачи на проблеми и носители на развојот. Тие влијаат на инфраструктурата, енергетските системи и на дигитализацијата, обезбедувајќи одржливи и паметни решенија за иднината на земјата.

На настанот, кој ја одбележа и 106-годишнината на инженерското здружување во Македонија, присуствуваа владини претставници, бизнис-заедницата и Комората на овластени архитекти и инженери.

Најнови вести од: Македонија

To top