По окончување на судскиот случај „Поштенска банка“ во полза на обвинетите во 2024 година, еден од нив, гевгелискиот бизнисмен Томе Главчев, во јануари годинава, поднел кривична пријава против поранешните обвинители на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева, Бурим Рустеми и Лиле Стефанова. Главчев ги пријавува дека од него барале Поткуп, пишува порталот „Плус инфо“.
Во пријавата, во која детално се опишани сите дејствија со кои тројцата обвинители вршеле притисоци врз обвинетите во случајот „Поштенска банка“, Главчев пријавува дека првопријавената Катица Јанева, индиректно, преку сведокот Бојан Јовановски од Скопје, побарала од него подарок од 1 милион евра, за себе и за обвинителите кои постапувале во предметот (Бурим Рустеми и Лиле Стефанова), за да извршат службени дејствија што би морале да ги извршат, да дадат позитивно мислење за прифаќање на поднесениот предлог за гаранција, а потоа да се донесе наредба за запирање на кривичната постапката.
На кривичната пријава на Томе Главчев, обвинителката Лиле Стефанова возвратила со кривична пријава против него за Лажно пријавување по член 366 од Кривичниот законик. Главчев за Плусинфо вели:
-Во врска со кривичната пријава за наводно лажно пријавување, сметам дека е неопходно јавно да ги изложам фактите и околностите, бидејќи станува збор за случај кој отвора сериозни прашања за функционирањето на правниот систем и за еднаквоста пред законот. Имено, во периодот кога против мене се водеше постапка во предметот „Поштенска банка“, јас лично бев изложен на барање за исплата на 1 милион евра, со јасно укажување дека со тоа би се запрела постапката против мене. Ова не е паушално тврдење. Поседувам материјален доказ, односно аудио-снимка, која е доставена до надлежните институции и која треба да биде предмет на сериозна и независна проверка. Откако категорично го одбив ова барање, постапката против мене не само што продолжи, туку траеше повеќе години. Во истиот период, по предметот постапуваа обвинители кои беа директно вклучени во случајот. Дали е случајност што по одбивањето на бараниот износ, притисокот продолжи? Тоа е прашање на кое јас не давам конечен одговор, туку го поставувам како основано сомнение кое институциите се должни да го испитаат.
Клучна средба во просториите на телевизијата 1ТВ
Според пријавата на Главчев, клучниот настан се случил во јануари 2019 година, кога тој веќе имал поднесено барањето за определување гаранција наместо определените мерки за претпазливост. Според пријавата, во непосредна средба, која била остварена по барање и налог на Катица Јанева, што се случила во Скопје, во просториите на тогашната Телевизија 1ТВ, сведокот Боки 13 го известил Главчев дека разговорот што ќе се води бил по налог на првопријавената Катица Јанева, со намера да му го пренесе начинот на кој ќе се запре поведената истражна постапка. Тоа требало да се случи во две фази – за една недела да му биде вратена патната исправа, а за две недели да се запре истрагата. Ова, се разбира, доколку Главчев ги почитувал поставените услови.
Потоа на телефон сведокот Боки 13 ја побарал Катица Јанева, која му рекла на Томе Главчев да му пренесе на својот бранител да го дополни барањето за гаранција, по што веднаш ќе му биде вратена патната исправа, а Боки 13 ќе му пренесе кој е условот да се запре во целост постапката. Сведокот Боки 13 го продолжил разговорот и го пренел барањето од Катица Јанева – дека за ова е потребно да се плати 1 милион евра, од кои 30% веднаш, а остатокот штом ќе се добие решение за запирање на истрагата. Томе Главчев одговорил дека не е проблем да ги даде парите, но може да ги плати по завршената работа. Боки 13 рекол дека тоа не е прифатливо, дека понудата не зависела од него и дека сè што требало му биде пренесено на Главчев – пренесено е.
Инаку, според пријавата, Боки 13 претходно во два наврати се сретнал со Главчев во Гевгелија и од него барал реклами за 1ТВ, првиот пат 50.000 евра, а вториот пат 100.000 евра. Во пријавата Главчев опишува една средба со Бојан Јовановски во хотелот „Рамада“:
„Се сретнав со Бојан во хотелот Рамада во Гевгелија. Со него беше за мене тогаш непознат господин, кој ми се претстави дека е адвокат Васко Димишковски од Скопје. Бојан ми кажа дека знае дека утрешниот ден ќе заседава кривичниот совет по жалбата на СЈО, дека тој, заедно со адвокатот чија сестра е судија за претходна постапка во Кривичниот суд, можат да ми завршат работа да се одбие жалбата на СЈО и да не ми се определи притвор, ниту пак да имам некоја друга мерка. За оваа услуга побараа износ од 500.000 евра. Јас на ова се пошегував дека парите ми се закопани во нивата и ако ме почекаат, ќе се обидам да ги најдам, на што Бојан реагираше: ’Ти се зафркаваш со нас‘“.
Откако Томе Главчев нема да ги плати побараните пари, против него почнува постапката: наредби за вештачења, други процесни дејствија итн. Но, по хаваријата на СЈО и по разрешувањето Катица Јанева, предметот „Поштенска банка“ преминува во Основното јавно обвинителство за гонење организирал криминал и корупција. Таму предметот паѓа во рацете на Бурим Ристеми и на Лиле Стефанова, кои стартуваат со нов обвинителен акт.
Одмаздата на Бурим Рустеми и на Лиле Стефанова
По стапувањето во сила на измените на Кривичниот законик во јуни 2024 година, Рустеми на главна расправа се откажал од обвинението кон шестмина од обвинетите во предметот „Поштенска банка“. Тоа сепак не го сторил и за Томе Главчев и за уште двајца обвинети, иако немало никаква разлика во нивниот статус со првообвинетиот во предметот и со другите обвинети. Според пријавата на Главчев, Рустеми не го повлекол обвинението за него само поради фактот што бизнисменот не го платил побараниот износ од 1 милион евра. Лиле Стефанова, пак, учествувала во сите дејствија преземени од СЈО, а подоцна и со овластување на Републичкиот јавен обвинител, учествувала во одмаздата поради неуспехот Главчев да го изрекетираат и во обидот да се прикријат трагите за тој обид.
– Замислете – коментира Главчев – по повеќе од пет години, обвинението беше повлечено за шест лица опфатени во истиот предмет, меѓу кои и против првоосомничениот, додека за тројца, меѓу кои и јас, постапката продолжи. За истиот настан и врз основа на истите докази. Ова отвора сериозно прашање: како е можно за исто дело и исти докази да има сосема различен третман? Наместо одговори на овие прашања, денес јас сум соочен со кривична пријава за „лажно пријавување“. Со други зборови, наместо да се проверат наводите и доказите кои ги доставив, се отвора постапка против оној што пријавил сомнение.
Откако во март 2024 година постапката против сите обвинети во случајот „Поштенска банка“ ќе биде запрена, Томе Главчев нема да се смири поради неправдата и во јануари годинава ќе поднесе кривична пријава против тројцата обвинители за кривичното дело Поткуп.
Манипулациите во Обвинителството продолжуваат, како уште да командува СЈО
Особено загрижува фактот што веднаш по поднесувањето на неговата кривична пријава, нејзината содржина очигледно станала достапна во контекст на постапка против него, иако до денес нема добиено никаква формална разрешница по истата. Ова сериозно го доведува во прашање принципот на доверливост во постапувањето и ја поткопува довербата во институциите, смета Главчев и додава:
– И прашањето на надлежност отвора дилеми. Како граѓанин на Гевгелија, кој пријавата ја поднел во Скопје, бев повикан да дадам изјава во обвинителство кое нема очигледна поврзаност со ниту една од овие околности. Ова кај мене создава чувство на правна несигурност и дополнителен сомнеж во однос на начинот на кој се води постапката.
Посебно сериозна околност, објаснува Главчев, која дополнително ја компромитира довербата во целиот процес, е фактот што подносител на кривичната пријава против него е обвинителка против која тој претходно има изнесено основано сомнение дека била дел од дејствијата кои ги пријавил. Истата обвинителка постапувала по предметот „Поштенска банка“ против него, а воедно е и на позиција координатор во обвинителството каде што е поднесена пријавата против него.
– Ова отвора сериозно прашање за потенцијален конфликт на интереси и непристрасност во постапувањето, бидејќи во ваква ситуација се создава впечаток дека лице за кое се пријавува сомнение, истовремено има влијание или улога во постапка која се води против пријавителот. Сакам јасно да потенцирам: мојата пријава беше поднесена во добра верба, врз основа на лично доживеан настан и со материјален доказ. Јас не сум орган кој утврдува вина, тоа е обврска на институциите. Мојата обврска како граѓанин беше да пријавам сомнение за сериозно незаконито постапување. Во едно правно уредено општество, граѓанинот кој пријавува сомнеж за криминал треба да биде заштитен, а не да стане предмет на прогон. Во спротивно, се испраќа опасна порака дека секој што ќе се охрабри да пријави сомнение, ризикува самиот да стане обвинет. Затоа, очекувам од надлежните институции да постапуваат професионално, непристрасно и во согласност со закон, и пред сè, да ги проверат наводите и доказите кои се доставени, наместо да се насочуваат кон оној што ги пријавил. Правдата не смее да биде селективна – апелира Томе Главчев.
Преземено од Плус инфо