Засилено полициско присуство и употреба на дронови денеска се забележани во село Орел, општина Свети Николе, каде се врши пребарување на бунар во близина на викенд-куќи, во рамки на потрагата по исчезнатата Злата Јанкова, ппренесува „Скопје 1.
Сопругот на исчезнатата, Дејан Јанков, смета дека акцијата се одвива во непосредна близина на нивната викендица, но дека нема официјални информации од надлежните.
„Врие од полиција, се пребарува бунарот, летаат дронови, но никој ништо не ми кажува. Мислам дека ја бараат Злата“, изјави Јанков.
Тој посочува дека истиот терен бил пребаруван и претходно, но без резултати.
Злата Јанкова исчезна на 16 јуни 2024 година околу 15 часот, по што ѝ се губи секаква трага. И покрај поминатото време, потрагата сè уште трае, а случајот останува без разрешница.
Јанков претходно штрајкуваше со глад 19 дена со цел да го привлече вниманието на јавноста кон случајот, а најавува и нов штрајк доколку не добие одговори за судбината на неговата сопруга.
На социјалните мрежи и понатаму се споделуваат апели до граѓаните да пријават било какви информации во Министерството за внатрешни работи.