Во веста за наводниот, или сѐ уште непотврден обид за „труење на албанскиот амбасадор“ ИНА истакнува: „Експертот за безбедност и криминологија Артан Карамучо даде силна изјава во текот на емисијата, емитувана на медиумската платформа на ‘Еуроњуз’ од Албанија, кога тој откри детали за сериозен дипломатски и безбедносен инцидент. Карамучо изјави дека имало обид од страна на Србите да го отрујат амбасадорот на Албанија во Скопје. Според него, овој сериозен инцидент се случил во просториите на израелската амбасада.“
Засега без резултат останува нашата внимателна претрага дали актуелниот албански амбасадор Денион Мејдани на својот официјален фејсбук-профил, или во изјава за кој било медиум, има дадено изјава дека навистина токму тој бил „цел на Србите да го отрујат“. Во меѓувреме, останува да се види и дали Мејдани самиот ќе изреагира околу најновите „бомбастични“ тврдења на Карамучо.
Што се однесува до втората, „картонска“ но и скандалозна изјава на професорот на тиранскиот универзитет Карамучо за „картонскиот карактер“ на македонската држава, завчера во врска со ова во веста ИНА дополни: „Во гостување на Еуроњуз Албанија Карамучо даде остри изјави кон Македонија, изразувајќи сериозна загриженост за институционалното функционирање и третманот на Албанците. Тој нагласи дека без Албанците државата би била нестабилна, опишувајќи ја моментната ситуација како алармантна и неприфатлива. Карамучо реагираше во врска со најновите случувања околу правосудниот испит во С.Македонија. Тој искажа сериозна загриженост за институционалното функционирање и третманот на Албанците.“