„Тоа што е до нас, го правиме. Во Планот за раст сме далеку пред земјите во регионот, што ќе се потврди и во новиот извештај што се очекува во јуни. Во делот на реформите го спроведуваме она што се бара, но има сегменти каде што немаме влијание“, рече тој.
Според него, вистинскиот предизвик во целата ситуација не е Софија, туку недостигот на јасна одлука кај клучните европски центри за идното проширување на Европска Унија.
„Јасно е дека не е само Софија проблемот, туку дека е добар изговор за да не се реши проблемот. Чекаме неколку големи главни градови да одлучат дали сакаат проширување на ЕУ или не. Ако постои политичка волја, прашањето со Бугарија може да се реши за едно попладне“, рече вицепремиерот.
Во однос на негова претходо дадена изјава дека Албанија во блиска иднина нема да стане членка на ЕУ, Николоски рече дека и натаму стои зад тој став, појаснувајќи дека тоа не е поради недоволни реформи на Албанија, туку поради неизвесноста во самата Унија околу проширувањето.
„Жал ми е што сум во право, бидејќи мојата цел беше навремено да предупредам. Улогата на политичарите е да носат одлуки врз основа на информации, но и да ја информираат јавноста за реалноста, за таа да може соодветно да се прилагоди“, рече Николоски.