Македонија

Младите го избираат занаетот: Стручното образование станува нов тренд

Во време кога изборот на образование значи и избор на иднина, стручното образование сè повеќе добива на значење како практичен и перспективен пат за младите.

Во време кога изборот на образование значи и избор на иднина, стручното образование сè повеќе добива на значење како практичен и перспективен пат за младите. Средното училиште на Град Скопје „Кочо Рацин“ е пример како со современиот пристап во наставата, практична работа и посветени наставници на младите луѓе им нуди реални можности за стекнување знаења, практични вештини и сигурен почеток на нивната професионална кариера. За улогата на училиштето, предностите на стручното образование и последните успеси на учениците, разговараме со директорот на училиштето, д-р. Драган Попоски и со професорката Катерина Михајлов Стојаноски, наставник по стручни предмети во текстилната струка.

Expres.mk за Директор: Колку е важно стручното образование денес и зошто младите сè повеќе го избираат како што покажуваат бројките во последните 2 години?

Одговор Директор:

Да, во последните неколку години стручното образование сè повеќе станува избор на младите. Стручното образование денес е многу важно затоа што нуди директни вештини за работа, побрзо вработување и помала дистанца помеѓу учењето и реалниот пазар на труд. Соочени сме со глобални промени кои како клучен белег ја имаат брзата експанзија на техниката и технологијата што самото по себе ја наметнува потребата за стекнување на одредени вештини кај младите. Трендот младите да го продолжат своето образование во средно стручно училиште од една страна е поврзан со тендецијата учениците да се стекнат со одредени вештини и знаења уште во периодот на средното образование кои ќе им помогнат многу полесно да се вработат по завршувањето на средното училиште, а од друга страна состојбите на пазарот на трудот слободно може да речам сами по себе ја наметнаа потребата приматот да биде ставен на запишување на ученици во средните стручни училишта.

Expres.mk за Директор: Кои се клучните предности што учениците ги добиваат со запишување во Вашето училиште?

Одговор Директор:

Со запишувњето во нашето училиште учениците пред се ќе наидат на срдечен, пријатен и искрен однос од страна наставниот кадар и останатите вработени во училиштето. Позитивната училишна клима  е од особено значење за сестраниот развој на учениците. Тука сакам да нагласам дека во делот на стручно образование, во нашето училиште имаме неколку атрактивни струки и тоа: дигитален маркетинг и е-трговија, текстилно кожарска струка, и новата насока, правен техничар. Она во што може да бидат сигурни и учениците и нивите родители е дека во нашето училиште има простор и можност секој ученик согласно неговите афинитети да се вклучи во активности кои ќе придонесат за негово градење и формирање како личност, стекнување на дополнителни знаења и вештини преку можноста да посетуваат компании во кои се стекнуваат со практични знаења како : практична настава и реални работни вештини,  можност за платена пракса ,побрзо вработување по завршување на средното образование, соработка со компании и работа на реални проекти.

Expres.mk за Директор: Како практичната настава влијае врз нивната подготвеност за работа или понатамошно образование?

Одговор Директор:

Прктичната настава како во самото училиште така и во рамки на компаниите со кои имаме потпишано меморандуми и договори за соработка преку предметот Учење преку работа придонесува во средното стручно дуално образование учениците да се стекнат со  знаења кои се од исклучително значење бидејќи станува збор за поврзувње на теоријата односно теоретските знаења со кои се стекнуваат учениците со практичното работење. Преку практичната настава учениците се стекнуваат со конкретни технички вештини кои се од особено големо значење за потребите на пазарот на труд и работодавачите. Како на пример:   подобрува работни вештини (ракување со алати, технологии), намалува време за адаптација при вработување, овозможува контакт со работодавачи уште за време на школувањето, зголемува вработливост веднаш по завршување, развива одговорност и работни навики, подобрува разбирање на теоријата преку пракса, помага при полесен избор на кариера или студии

Expres.mk за Катерина: Професорке, неодамна постигнавте успех на регионален натпревар – може ли да ни кажете малку повеќе за натпреварот и што значи овој успех за училиштето и за Вашите ученици?

Пред неколку недели се одржа регионалниот натпревар во организација на Занаетчиската комора – Скопје и Здружението Културен Центар СТЕРНА. Учествуваа повеќе тесктилни училишта од каде нашето училиште “Кочо Рацин“ од Скопје го освои првото место. Нашата задача беше во рок од околу два ипол часа да изработиме фустан до колена вклучувајќи моден додаток. Освојувањето на првото место претставува голем успех, не само за учениците, туку и за нашето училиште во целина. Ова признание е потврда за квалитетната работа, поддршката од наставниците и мотивацијата кај учениците да продолжат да се надградуваат.

За учениците, овој успех значи зголемена самодоверба, поттик за понатамошен развој и доказ дека со труд и посветеност можат да постигнат значајни резултати. За училиштето, пак, тоа е гордост и дополнителна мотивација да продолжиме со унапредување на образовниот процес и поттикнување на талентите.

Expres.mk за Катерина: Што ја прави текстилната струка атрактивна и релевантна за младите денес и какви конкретни вештини и знаења стекнуваат учениците во оваа насока?

Текстилната струка денес е особено атрактивна бидејќи се наоѓа на пресекот меѓу креативноста, технологијата и реалниот бизнис. Младите имаат можност не само да создаваат облека, туку и да развиваат сопствен стил, бренд или дури и сопствен бизнис. Во време кога модата, одржливоста и индивидуалниот израз се сè поважни, оваа струка станува сè порелевантна.

Учениците во оваа насока стекнуваат конкретни и применливи вештини, како што се:

  • дизајнирање и скицирање модели на облека
  • избор и познавање на текстилни материјали
  • кроење и шиење со рака и на индустриски машини
  • изработка на готов производ – од идеја до финален модел
  • користење на современи технологии и софтвер за дизајн
  • развивање на чувство за естетика, боја и форма

Покрај практичните вештини, учениците развиваат и клучни компетенции како тимска работа, креативно размислување, решавање проблеми и претприемачки дух. Токму оваа комбинација на креативност и практична примена ја прави текстилната струка привлечна и со реални можности за вработување или самовработување во иднина.

Expres.mk за Катерина: Како изгледаше процесот на подготовка и кои беа најголемите предизвици?

Процесот на подготовка траеше неколку месеци, во текот на кои посветено работевме со ученичката на усовршување на нејзините знаења и вештини. Подготовките опфаќаа практична работа, дополнителни истражувања и континуирано вежбање, со цел таа да се чувствува сигурно и подготвено за самиот натпревар.

Сепак, мора да се нагласи дека знаењето и основата што ги стекна во текот на наставата имаа огромна улога во целиот процес. Токму тие ѝ овозможија полесно да ги надградува своите вештини и да одговори на барањата на натпреварот.

Најголемите предизвици беа поврзани со временската организација, прецизноста во изработката и потребата за креативен пристап во решавањето на задачите. Но, со труд, упорност и заедничка работа, успешно ги надминавме сите пречки и постигнавме одличен резултат.

Expres.mk за Катерина: Дали учениците имаат можност да работат на реални проекти и да ја изразат својата креативност?

Учениците имаат бројни можности да работат на реални проекти и да ја изразат својата креативност. Во текот на секоја учебна година активно учествуваме на различни проекти и натпревари, каде што тие можат практично да ги применат своите знаења.

Како на пример, минатата година освоивме втора награда во категоријата за најдобар еко-модел во рамки на проектот „Хакатон-Климатон“, кој произлегува од иницијативата „Фонд за климатска акција на млади“. Во рамки на овој настан, учениците имаа задача за само три часа да изработат еко-модел и да го претстават на најдобар можен начин. Но исто така  минатата година успешно учествувавме и на МАСУМ во Кавадарци и на „Креативен ден“ во Битола. Активно се занимаваме со изработка на модни додатоци и аксесоари, преку кои ја развиваме нашата креативност и практични вештини. Секогаш кога ќе добиеме покана, со задоволство се претставуваме со нашите модели и уникатни модни аксесоари.

Секоја година во нашето училиште се организира модна ревија но и голем број на креативни работилници кои се потикнати од самите учениците но и од нас професорите. На  работилниците учениците ги претставуваат своите идеи претворени во креативни изработки. Минатата година учениците изработија околу 30 рачни торби, кои беа наменети за потребите на една организација. Како училиште, за возврат добивме ваучер со одреден буџет, кој го искористивме за опремување на кабинетите за практична настава. Со тие средства набавивме професионални парни пегли, модни кукли и друга неопходна опрема што ни е потребна за квалитетна реализација на практичната настава.

Овие активности им овозможуваат на учениците не само да ја развиваат својата креативност, туку и да стекнат практично искуство, да работат под притисок и да ги унапредат своите презентациски вештини. Ваквиот пристап ги подготвува за реални предизвици и ги мотивира да размислуваат иновативно и одржливо.

Expres.mk за Катерина: Кои се следните чекори по постигнатиот успех – дали планирате нови натпревари, проекти или јавни презентации?

По постигнатиот успех, продолжуваме со уште поголема мотивација и ентузијазам кон нови предизвици. Веќе сме во активни подготовки за учество на неколку значајни настани и натпревари.

Во месец мај се подготвуваме за учество  на Државниот натпревар кој се одржува во организација на Занаетчиската комора – Скопје и Здружението Културен Центар СТЕРНА.  Нашата задача е во рок од околу два часа да изработиме свечена тоалета, при што ќе треба да покажеме креативност, прецизност и брзина. Покрај облеката, ќе изработиме и моден додаток, како што се чанта, шешир или марама, со цел да ја комплетираме целокупната модна комбинација. Овој натпревар претставува голем предизвик, но и можност да ги покажеме нашите вештини и талент.

Планирано е учество на натпреварот МАСУМ во Богданци, како и на „Креативен ден“ во Битола кој ќе се одржи на 28.04.2026 на кој ќе се претставиме со еден модел кој ќе го презентира Катерина Златановска Попова, Претседателката на МАТА Скопје, каде учениците повторно ќе имаат можност да ја покажат својата креативност и практични вештини. Овие активности претставуваат одлична можност за учениците да стекнат нови искуства, да се натпреваруваат на повисоко ниво и да продолжат со личен и професионален развој.

Expres.mk за Директор: За крај, што би им порачале на младите кои се двоумат при изборот на средно образование? Зошто токму вашето училиште треба да биде нивниот избор?

Одговор Директор: Средното училиште на Град Скопје „Кочо Рацин“ е училиште со долга традиција, училиште расадник на различни струки и профили во кое низа на генерации го стекнале своето средно образование. Може да се пофалиме дека  училиштето располага со современи услови за работа во кои се реализира воспитно-образовниот процес. Во наредниот период интензивно ќе работиме на креирање на дополнителни содржини, активности, потпишување на меморандуми за нови соработки невладини организации како што е оној кој минатиот месец го потпишавме со МАТА Скопје, и со компании во кои учениците ќе може да се секнат со практични знаења. Исто така обезедени се средства за дополнително инвестирање со поддршка на  Град Скопје со цел подобрување на условите за работа во училиштето што секако само по себе треба да биде дополнителен предизвик учениците од основните училишта да го изберат Средното училиште на Град Скопје „Кочо Рацин“ за училиште, за кои ќе ги отвориме нашите врати на средината на мај кога тие ќе можат да нè посетат на отворениот ден за кој се подготвуваме. https://sugskocoracin.edu.mk/

Најнови вести од: Македонија

Утре е Велика Сабота – ако го испочитувате овој обичај, сè ќе тргне на подобро

Кога е во прашање овој ден, многу православни верници се во недоумица дали се пости или не. Иако саботата важи за ден кога по правило не се пости строго (туку на масло), свештениците велат дека на Велика сабота треба да се пости исто како и на Велики петок (на вода). На Велика сабота не е добро да се оди во лов и риболов, а се забранува и колење на стока и живина.

Стружани за Велигден негуваат традицијата во која се преплетуваат литургиската свест, симболиката на празникот над празниците и културниот идентитет

Во деновите кога православните христијани со молитва и надеж го очекуваат Христовото воскресение, во охридско-струшкиот регион сè уште живее еден стар обичај длабоко вкоренет во духовната традиција

(Фото): Како ќе изгледа и кога ќе биде готова Универзална сала?!

Објектот беше значително оштетен во пожарот што избувна на 9 април 2024 година, само по еден месец откако, по пауза од две години, продолжија градежните работи за негова реконструкција. Од пожарот беше зафатена старата конструкција. Веднаш по пожарот, од градежната фирма посочија дека, најверојатно, се запалил стар кабел или некоја стара инсталација.

„ТАВ Македонија“ втора година по ред добитник на сертификатот Great Place To Work®

Компанијата Great Place To Work® е глобален авторитет за културата на работното место, којашто има 30 годишно искуство со револуционерни истражувања и податоци со кои им помага на многу компании да станат одлично место за работа за сите. Се фокусира на присуството на вработените и на лидерското однесување и докажано е дека обезбедува водечки приходи во пазарни услови, задржување на вработените и робустни иновации.

Повеќе од 16.000 граѓани ја напуштиле држават апреку „Богородица“ и „Табановце“

Продолжениот викенд по повод празникот Велигден го зголеми метежот на граничните премини во земјава, а најголем метеж е забележан на премините Богородица и Табановце, каде во изминатите 24 часа поминале повеќе од 16 илјади патници, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Лога се обидува да ѝ „држи“ на Сиљановска-Давкова, претседателката на РМ и уставно-правен експерт, „јавно предавање“ за правосудниот испит и за непостојната „државотворност на албанскиот народ“?!

„Синоќа во емисијата на ТВ 21 Сиљановска се обиде да ги избегне дискусиите и да ги изигра фактите поврзани, со правосудниот испит, изнесувајќи и неколку ставови, кои веќе се надминати како проблематика. Постои суштинска разлика, што оваа политичка класа со југословенско наследство, претставувана од Сиљановска, треба да ја разбере: албанскиот јазик не е ‘малцински јазик’, како што таа ‘погрешно’ го претставува во континуитет, туку е јазик на околу една третина од населението во оваа држава и на еден од државотворните народи, заедно со македонскиот народ.“ – наведува поранешниот министер за правда од ДУИ Кренар Лога, кој со оваа објава преку фејсбук, всушност, се обидува да ѝ „држи“ на претседателката на Република Македонија и уставно-правен експерт проф.д-р Гордана Сиљановска-Давкова “јавно предавање“ за правосудниот испит и за „државотворноста на албанскиот народ“ (?!), иако таква „државотворност“ не постои како уставно-правна категорија во македонската држава, зашто во неа единствено државотворен народ е само македонскиот народ! Неприфатливоста на интонацијата на Лога е и поради тоа што тој недолично фактички ѝ ја игнорира функцијата претседателка на Република Македонија на Гордана Сиљановска-Давкова и ѝ се обраќа само само по презиме.

To top