Поранешниот албански претседател, експремиер и бивш парламентарен спикер Илир Мета во интервју од затворскиот притвор изрази јавна блгодарност до македонскиот вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски за покренувањето на прашањето за неговото апсење во Собранието.
„Искрено му се заблагодарувам на вицепремиерот на Северна Македонија, г-дин Николоски, за неговата солидарност. Да не заборавиме дека ВМРО ја познава како никој друг ‘специјалната’ правда на Сорос со Катица (Јанева – н.з.) на чело, која заврши во затвор за корупција.
Ниту една партија не била политички прогонувана од соросоидниот правосуден систем како ВМРО. Но, тие покажаа карактер и интегритет и еве ги денес.
Најсмешното е што на главната личност за која беа обвинети Груевски и ВМРО, Сашо (Мијалков – н.з.), соросоидната правда се обиде да му помогне за да го подели ВМРО.
Значи, тие го разбираат мојот случај многу добро, бидејќи знаат како функционира соросоидната правда“, изјави претседателот на Албанија од 2017 до 2022 година за албанскиот портал „Сири.нет“.
„Во оваа пригода ѝ посакувам на Северна Македонија да оди по патот на стабилноста и развојот, но и на меѓуетничката хармонија, почитувајќи го Охридскиот договор, за кој работевме толку напорно во тоа време кога јас имав одговорност да бидам премиер на Албанија.
Со желба проблемот со употребата на албанскиот јазик да се реши достоинствено, сакам да ѝ се заблагодарам на Владата на Македонија што ги држи своите граници отворени за нашите граѓани од Корча и Поградец до Дибер, за да купуваат поевтино гориво, поевтина храна и поевтини лекови.
Секако, ова не е долгорочно решение, но засега е голема помош за стотици илјади Албанци кои се напуштени од нивната Влада“, додаде Мета, кој беше и премиер на Албанија од 1999 до 2002 година, како и спикер на Парламентот од 2013 до 2017 година, а сега лидер на Партијата за слобода.
На 21 октомври 2024 година тој беше уапсен, а на 27 мај 2025 година формално обвинет за корупција, перење пари, даночно затајување и криење имот од властите, што тој категорично ги отфрла. Првото рочиште од судскиот процес е закажано за 27 април.