Обвинителството ја заврши фазата на изведување на докази против Стојанче Јовановски, обвинет за тешко семејно насилство кое, според обвинението, довело до самоубиство на Ивана Јовановска. Таа на 3 март скокна од балконот на семејниот стан заедно со шестгодишната ќерка Катја, по што двете починале на самото место.
На последното рочиште, обвинителката Адела Бојчевиќ ги презентираше видеата од безбедносните камери кај катната гаража во близина на судовите во Скопје, снимени неколку часа пред трагичниот чин. На снимките се гледа како Стојанче Јовановски двапати ја удира Ивана, при што од силината на ударот ѝ се поместува главата. Во моментот кога се расправале, присутен бил и сведокот Мартин Саздов.
На видеото се гледа како Ивана двапати ја повикала полицијата. Полицајците дошле, разговарале одделно со сопружниците, но си заминале без да преземат мерки. Според обвинението, на Ивана ѝ било речено дека ако повторно ги повика, ќе добие пријава за лажно пријавување.
Потоа, обвинителката го пушти и видеото од приватниот телефон на Стојанче Јовановски, снимено на 10 февруари. На снимката се гледа како Ивана плаче во ходникот на станот, го чува телото со рацете и го моли: „Не удирај ме веќе“. Таа покажува на слабината и повторува: „Дрогата ти го исуши паметот, Стојанче“. Додека таа го запира да не бега и го чека полицијата, Стојанче ја снима, се смее и ја имитира.
За време на прикажувањето на видеото, на кое Ивана е видливо вознемирена и со подочници, обвинетиот Стојанче Јовановски од обвинителното столче се смееше и вртеше со главата. Кога обвинителката предложи да се запре видеото поради изобилство на пцости и навреди, Јовановски реагираше и побара да се гледа докрај. Судот одлучи снимката да се изгледа целосно, со образложение дека доказите се изведуваат во целост според Законот за кривична постапка.
Обвинителството продолжи со изведување на други докази: солемнизација на договор за дар на станот (за кој семејството на Ивана се сомнева дека потписот е лажиран), бракоразводна постапка, отпусно писмо од Клиниката за дигестивна хирургија каде што Ивана била хоспитализирана поради сомнеж за внатрешен хематом од удари, како и вештачење од психолог и психијатар. Вештите лица утврдиле јасна причинско-последична врска меѓу долготрајното семејно насилство и психичката состојба на Ивана Јовановска.
На една од паузите, обвинителката Бојчевиќ изјави дека за квалификацијата на смртта на шестгодишната Катја ќе се изјасни во завршниот збор, повикувајќи се на психијатриското вештачење.
Следното рочиште е закажано за петок, кога исказ ќе даде и обвинетиот Стојанче Јовановски. Тој се изјасни за виновен за тепање и загрозување на сигурноста, но не и за поттикнување на самоубиство. Каење за трагедијата досега јавно не изразил.