Медиумите во Србија се тркаат во тоа кој повеќе комплименти ќе подели за македонскиот атлетичар Дарио Ивановски, кој го освои второто место на 39. Белградски маратон како единствен Европеец во топ-10 и со квартет Кенијци веднаш зад него.
„Рекорд и сензација на Белградскиот маратон – Македонец ги одушеви сите“, е насловот на Б92.
„Гемсиса постави нов рекорд на патеката – 02:09:11, но можеби уште поголем подвиг направи тркачот од Северна Македонија, Дарио Ивановски. Во конкуренција на Африканци, кои со години доминираат на Белградскиот маратон, тој го освои второто место со феноменално време од 02:09:35“, пишува во написот.
„Соседот Дарио е сензација на Белградскиот маратон. Речиси претрча Африканец и ја потврди доминацијата на Балканот“, се вели во насловот на „Телеграф“.
„Белградскиот маратон денеска донесе трка со брзо темпо и очекувана доминација на африканските тркачи на долги патеки, но и одличен настап на најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски, кој го освои второто место и уште еднаш го потврди својот статус на еден од најдобрите тркачи на Балканот.
Победник на 39-то издание на маратонот беше Етиопјанецот Гудета Гада Гемсис, кој ја истрча патеката за 2:09:11 и постави нов рекорд во трката. Сепак, борбата за врвот во која Ивановски одржуваше високо темпо рамо до рамо со најсилната конкуренција во светот привлече големо внимание.
Македонскиот репрезентативец и балкански рекордер (личен рекорд 2:08:26) ја заврши трката на второто место со време од 2:09:35, потврдувајќи ја својата конзистентност на самиот врв на европското трчање на долги патеки.
Ивановски уште еднаш покажа дека може да трча во темпото на африканските фаворити, кои традиционално доминираат на долги патеки, и дека останува еден од најдоследните и најквалитетните маратонци во регионот“, пишува „Телеграф“.