Македонија

Новаковски: Ќе ја обжалиме осумгодишната казна затвор за Раде Трајковски – Штекли

Адвокатот на Трајковски кажа дека низ текот на натамошната постапка ќе се произнесат дали тој треба да остане во затвор или во друга установа поради нарушената психа

Не би сакал воопшто да ја коментирам одлуката на судот во однос на основот и висината на казната, но морам да кажам дека обвинетиот Раде Трајковски во целиот тек на постапката тешко ја следеше расправата и затоа тешко се обезбедуваа докази кои одат во негова одбрана, изјави денеска бранителот на Раде Трајковски – Штекли, адвокат Александар Новаковски, по одлуката на Основниот кривичен суд – Скопје за казна затвор во траење од осум години за Раде Трајковски – Штекли како координатор на групата која неовластено продавал кокаин и марихуана.

Новаковски по изрекувањето на пресудата, истакна дека одбраната има основа за жалба која ќе биде поднесена по добивањето на писмената одлука и нагласи дека обвинетиот имал здравствени проблеми поради кои тешко ја следел судската расправа, што влијаело на обезбедувањето докази во негова корист.

– Осум години неправосилна одлука, и ние имаме основа за жалба. И во текот на постапката се отворија тие можности и во секој случај ќе обжалиме откако ќе ја добиеме писмената пресуда. Сметам дека казната ја одлучи судот, не би сакал воопшто да ја коментирам во однос на основот и висината, но морам да кажам дека обвинетиот Раде Трајковски во целиот тек на постапката тешко ја следеше расправата и затоа тешко се обезбедуваа докази кои одат во негова одбрана, поради здравствени причини – рече Новаковски.

Затвор од 8 години доби Штекли, а со другите тројца од групата вкупно 26 години и 10 месеци, кои заедно продаваа низ Скопје еден грам кокаин за 100 евра!

Одбраната, додаде, барала одлагање на постапката и замена на мерката ефективен притвор со куќен притвор, но судот ги одби овие барања и мерката е продолжена до правосилност на пресудата.

– По објавата на пресудата, беше предложено да не се продолжи притворот за оној кој има ефективен притвор, кој е предложен од страна на обвинителството. Ние предложивме да се замени со мерка куќен притвор, но судот одлучи да го одбие тоа барање и затоа ја продолжи мерката притвор до правосилност на пресудата. Побаравме, ќе бараме и понатаму, зависно од одговорот, но како што кажав, барањето за замена со куќен притвор е одбиено и ќе ги искористиме сите можности што ни ги дава Законот за кривична постапка – нагласи Новаковски.

Надлежната јавна обвинителка Верица Бержецка-Крстева по денешната одлука на Кривичен, појасни дека постапката првично била покрената против 17 лица кои имале различни улоги во групата и посочи дека за дел од обвинетите веќе се постигнати пресуди преку спогодби за признавање вина, додека за оние на кои им се суди, казнената рамка секогаш треба да биде построга.

– Обвинителството ја започна постапката против 17 лица. Со оглед на тоа што имаат различни улоги, секој од нив има преземено различни дејствија, имаше соодветен степен на рангирање за тоа колкава кривична казна би била доволна за секој од обвинетите, од аспект на правичност при постапувањето.

– Сметам дека се постапуваше во однос на понудените санкции и за дел од нив се постигнаа пресуди врз основа на спогодба за признавање вина. Во делот на оние што се во фаза на судење, секогаш рамката на казнување треба да биде построга од онаа што се постигнува во фаза на спогодување. Овде, во еден дел беше намалена казната што беше понудена за обвинетиот, а за други беше построга, како што сметам дека и треба да биде. Сепак, прерано е да се произнесам, сметам дека кога ќе ја добиеме писмената пресуда, ќе ги разгледаме образложенијата за отежнителните и олеснителните околности и ќе се одлучи дали ќе се поднесе жалба или не – изјави Бержецка-Крстева.

На новинарско прашање поврзано со реакцијата од страна на еден од обвинетите со образложение дека Дени Масев и уште еден обвинет со прекар Колумбо, добиле многу пониски казни од него, обвинителката потенцираше дека кривичното дело се однесува на извршување во група, независно од директната комуникација со првообвинетиот.

– Можеби му била понудена помала санкција во фазата на спогодување. Овој обвинет има три точки на извршување на кривичното дело, со опис на конкретни дејствија. Тој во текот на целата постапка го потенцираше моментот дека нема директна комуникација со првообвинетиот, меѓутоа е во директна, секојдневна корелација за секоја од купопродажбите со уште двајца обвинети. Описот на ова кривично дело е извршување во група, без разлика дали се поврзани со првообвинетиот или не, и затоа сметам дека таквите наводи не се оправдани. Во делот на пресудата изречена за двајца обвинети – четири години, да, тие имаа повеќе дејствија на извршување на ова кривично дело и обвинителството ја обжали таквата казна, меѓутоа Апелација сметаше дека таквите казни се доволни за овие двајца обвинети – заклучи обвинителката.

 

Најнови вести од: Македонија

Ристески: Преку отворен и искрен социјален дијалог креираме одржливи и фер политики кои се од интерес за сите страни

„Креирање на трудови политики и законска рамка“, која се одржа во рамки на конференцијата „Трудови политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“

To top