Македонија

РСБСП: Внимателно на патиштата за продолжениот викенд

“#ВОЗИОДГОВОРНО – Секој живот е важен“, порачуваат од РСБСП од каде им посакуваат на граѓаните безбеден и пријатен продолжен првомајски викенд

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упати апел до граѓаните за максимално почитување на сообраќајните правила и прописи за време на претстојниот празник 1 Мај и продолжениот викенд.

Оттаму предупредуваат дека продолжениот празничен викенд традиционално се користи за патувања, излети во природа и дружења со семејството и пријателите, поради што се очекува зголемена фреквенција на возила на патиштата низ државата.

Дел од граѓаните, посочуваат од Советот, ќе останат во своите домови, но голем број ќе ја искористат можноста за патување кон туристички центри, планини, езера и други излетнички места. Токму затоа, апелираат на зголемена внимателност и одговорност зад воланот.

„Сообраќајот не е место каде што треба да се троши вишокот на адреналин. Последиците и загубите од сообраќајните незгоди се премногу сериозни, честопати фатални и ненадоместливи, за да може кој било да си дозволи неодговорно однесување во сообраќајот“, соопштија од РСБСП.

Потсетуваат дека искуствата од изминатите години покажуваат дека токму за време на празници и продолжени викенди често се случуваат сообраќајни незгоди со тешки, па и фатални последици.

Советот нагласува дека во сообраќајот нема мали и големи грешки и дека секое невнимание или непочитување на правилата може да заврши трагично.

„Бидете одговорни учесници во сообраќајот и придонесете доброто празнично расположение да трае и по завршувањето на празниците. Преземете мерки за ваша безбедност и за безбедноста на другите учесници во сообраќајот“,

пишува во апелот од Советот.

Во пресрет на празникот, се повикуваат граѓаните да возат одговорно, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и ограничувањата на брзината, задолжително да користат сигурносен појас, да не користат мобилен телефон додека управуваат со возило и во никој случај да не седнуваат зад волан под дејство на алкохол.

Дополнително, од Советот препорачуваат патувањата да се планираат однапред и за време на подолгите релации да се прават паузи за одмор.

„#ВОЗИОДГОВОРНО – Секој живот е важен“, порачуваат од РСБСП од каде им посакуваат на граѓаните безбеден и пријатен продолжен првомајски викенд

Најнови вести од: Македонија

To top