Македонија

Правосудството мора да биде на еден јазик, а тоа е македонскиот, смета Мицкоски

Одговарајќи ѝ на пратеничката Даути, премиерот се повика на препораките од Венециската комисија

Премиерот Христијан Мицкоски уште еднаш го повтори својот став против двојазичност или повеќејазичност во правосудството, коешто, според него, мора да функционира на еден јазик, македонскиот, како што препорача ои Венециската комисија.

„Никогаш нема да поддржам двојазичност или повеќејазичност во правосудството. Се знае, мора да имаме еден закон, тоа е македонскиот закон, за да обезбедиме владеење на правото. Да, ќе сториме сè да изнајдеме решение кандидатите кои сакаат да полагаат правосуден испит на својот јазик, во случајов албански, а по можност и на другите јазици, тоа да го прават, но притоа да имаме еднаков критериум во оценувањето. И стојам на тој став од првиот ден до денеска“, одговори попладнево Мицкоски на прашањето што го постави пратеничката Илире Даути.

„Од 2020 година до денес биле пријавени 918 кандидати за полагање правосуден испит. Од нив 196 биле Албанци, не положиле 27, од кои девет повторно се пријавиле и сите положиле. Процентот на положени кандидати Албанци е 95,75 проценти согласно актуелната методологија, што значи дека не можеме да зборуваме за дискриминација. Јас немам против и стојам на ставот секој да може полага на својот мајчин јазик. Венецијанската комисија многу јасно и прецизно кажа во своето мислење за Законот за јазиците, вели – „во правосудството да се напушти двојазичноста и да се вратите на законот од 2008 – 2009 година. Не се добар пример Белгија, Швајцарија, тоа се конфедерации, федерации, ние зборуваме за унитарни држави и нема втор пример. Мора да сме свесни дека правосудството мора да биде на еден јазик, а тоа е македонскиот и тука мора да заврши таа дискусија. Ако тој факт го прифатиме сите, мора да најдеме начин полагањето правосуден испит еднакво да важи за сите и тука не гледам проблем. Има комисија, тим од уставно-правни експерти што работи на оваа проблематика. Се надевам дека ќе излезат со решение. Не би ги спомнувал имињата, бидејќи тоа е работна група за изнаоѓање решение. Се надевам дека ќе излезат со решение што ќе можеме сите заедно да го изгласаме“, додаде Мицкоски.

 

Најнови вести од: Македонија

Запленети 35.000 австралиски долари на аеродромот во Скопје

Иако патниците носеле поголема сума на девизи, тие наместо да се упатат на црвениот канал за пријавување, поминале низ зелениот канал, наменет за патници без ништо за пријавување. По селекција биле издвоени за детална контрола, при што биле откриени непријавените девизни средства

To top