Македонија

Сиљановска-Давкова за 1 Мај: Само задоволни работници може да бидат вредни и продуктивни!

Правото на протест и социјалниот дијалог се предуслови за рамнотежа меѓу економските интереси и социјалната правда

По повод 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати порака во која посочува повеќе важни прашања од чии одговори зависи во каква позиција е македонскиот работник.

Целата порака во продолжение:

Драги сограѓани, почитувани работници,

И годинава, Први мај не потсетува на долгата, тешка, праведна и достоинствена борба на работниците за признавање на трудот како извор и творец на вредности.

Денешниов празник е доказ дека решителниот работнички бунт за осумчасовно работно време, кренат во Чикаго од над 10 000 работници во 1886 година, и по повеќе од еден век, сè уште ги инспирира и повикува на единство и солидарност работниците во борбата за нивните права, работодавачите на преиспитување на односот кон нив, а носителите на власта, на промисла на економската и социјална политика, низ призма на демократијата.

Одбележувањето на Денот на трудот во над 160 држави е вистински момент за соочување со сè уште актуелните прашања: дали ги почитуваме општо прифатените норми на меѓународното трудово право?; дали сме само уставно, или и во стварноста социјална држава?; дали социјалната правда е идеал или реалност?; дали работничкиот труд е соодветно вреднуван, односно дали работниците се правично наградени за работата и можат да напредуваат согласно знаењето и вложениот труд?; дали се безбедни и сигурни на работното место?; дали и зошто има случаи на присилна работа?; дали секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место?; дали секој вработен има право на платен дневен и неделен и годишен одмор?; каков е односот на колективните партнери кон колективните договори и правото на штрајк?

Од одговорите на гореспоменатите прашања зависи уживањето на економските и социјални правa од страна на работниците, коишто пак, го детерминираат обемот и квалитетот на нивните културни права.

Не смееме да заборавиме дека синдикалното организирање, правото на протест и социјалниот дијалог се предуслови за рамнотежа меѓу економските интереси и социјалната правда.

Како претседателка на сите граѓани, потсетувам дека имаме обврска да градиме општество во коешто трудот се цени и вреднува, а социјално-економските права се остваруваат!

Да се однесуваме кон работниците како кон вреден социјален капитал, ако сакаме да ги задржиме тука, или да ги вратиме дома. Да сфатиме дека само задоволни работници може да бидат вредни и продуктивни!

Среќен Први мај!

Најнови вести од: Македонија

Пркосот на масакрираната „Македонска сончева колона“ од Ваташа кон бугарските фашисти на 16.6.1943: Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!

На денешен ден, на 16 јуни 1943 година беше извршен Ваташкиот масакр, најголемото злосторство врз македонскиот народ за време на Втората светска војна во Македонија, покрај Дабничкиот колеж. Со намера да го спречи големиот подем на народно-ослободителното движење во Македонија, а сѐ во рамките на Јунската непријателска офанзива, бугарскиот фашистички окупатор во месноста „Моклиште“ масакрира и стрела 12 Македонци од селото Ваташа на возраст од 15 до 27 години. Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година започнува со офанзива за уништување на партизаните. Но, откако доживува неуспех, се нафрла и на мирното население. Врвот на бугарските погроми над цивилното македонско население е ваташкиот масакр „во чест“ на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ. Дали и кога ќе дојде бугарски претседател, или премиер, во Ваташа да клекне пред масакрираните Македонци и да побара прошка во име на бугарската држава и народ, како што стори германскиот канцелар Вили Брант на 7.12.1970 пред споменикот на Евреите од Варшавското гето во Варшава, стрелани од германските фашисти? Тој дождлив ден германскиот канцелар Брант беше клекнат на колена само 30 секунди, но во таа половина минута испиша ново поглавје во германската историја. Дали може и бугарски политичар да испише денес ваква нова страница, вакво нови поглавје во нивната бугарска национална историја, засебна од македонската историја? Па дури тогаш да започне вистинска, нова ера на вистински македонско-бугарски добрососедски односи со заемно разбирање, признавање и пријателство?

To top