Македонија

Прв ден од Самитот на Македонија2025: Потребни се забрзан одржлив раст, силно лидерство и заедничка акција за просперитетна иднина на Македонија

Отворен годинешниот Самит на Македонија2025

Со силни пораки за потребата од забрзан економски раст, институционални реформи, дигитална трансформација и поголемо национално обединување околу развојните приоритети, денеска во Скопје официјално беше отворен годинешниот Самит на Македонија2025. Петнаесеттото издание на Самитот, кое се одржува под мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување на лидерство“, ги обедини носителите на јавните политики, бизнис-лидерите, претставниците на меѓународната заедница, академската сфера и македонската дијаспора, со цел да се поттикнат конкретни разговори и партнерства за идниот развој на Македонија и регионот.

Самитот беше отворен со обраќања на претседавачот на Одборот на директори на Македонија 2025, Виктор Мизо, ко-основачот на организацијата, Мајк Зафировски и извршната директорка, проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски, како и со интервју со претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски. Во својот настап, премиерот Мицкоски порача дека Македонија мора да го искористи актуелниот моментум за побрза економска трансформација и посилно регионално и европско поврзување. Тој нагласи дека инфраструктурното поврзување, дигитализацијата, модернизацијата на институциите и создавањето стабилна и предвидлива бизнис-клима се клучни предуслови за поголем економски раст и повисок животен стандард. Претседателот на владата посочи дека државата мора да продолжи со инвестиции во инфраструктурата, енергетиката и дигиталната трансформација, оценувајќи дека токму тие процеси ќе бидат основа за поголема конкурентност на македонската економија и за отворање нови можности за домашните компании и младите генерации.

Извршната директорка на Македонија2025, проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски, порача дека организацијата влегува во нова фаза на делување, со уште поголема одговорност и појасен фокус кон конкретни резултати и мерлив импакт.

„Ако во почетокот 2025 беше цел кон која се движевме, денес 2025 е основа од која продолжуваме понатаму. Токму затоа и темата на годинешниот Самит е ‘По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување на лидерство’. Таа ја носи пораката дека нашата работа не завршува со една година, туку влегува во нова фаза на поголем фокус, раст, поголема дисциплина и поголема ориентација кон мерливи ефекти“, истакна Мојсоска-Блажевски.

Таа нагласи дека новата стратегија на организацијата за периодот 2026–2030 ќе биде насочена кон три клучни столба: забрзување на растот и конкурентноста на компаниите, развој на лидерството и младите таленти, како и посилна мобилизација на дијаспората како двигател на знаење, инвестиции и глобално поврзување.

Во своето обраќање, Мојсоска-Блажевски истакна и дека Македонија денес се наоѓа на важна пресвртница, при што потенцираше дека државата има капацитет и потенцијал за побрз развој, но дека се потребни поголема дисциплина, институционален континуитет, лидерство и партнерство меѓу сите чинители во општеството.

Ко-основачот на Македонија2025, Мајк Зафировски, порача дека Македонија мора да престане да биде земја која постојано се препознава само по својот потенцијал и дека е време потенцијалот да се претвори во конкретни резултати. „Предолго Македонија беше опишувана како земја со потенцијал. Потенцијалот е важен, но не е доволен. Вистинското прашање е: како побрзо да преминеме од потенцијал кон перформанси? Како 2 талентот да го претвориме во можности? Како добрата волја на дијаспората да ја претвориме во инвестиции, менторство и глобални мрежи?“, истакна Зафировски.

Тој потсети дека организацијата уште пред две години ги дефинирала трите клучни приоритети за забрзан развој на земјата: нулта толеранција за корупција, економски раст над пет проценти годишно и изградба на ефикасна и дигитализирана држава, оценувајќи дека тие и понатаму остануваат неопходни предуслови за долгорочен развој.

Претседавачот на Одборот на директори на Македонија2025, Виктор Мизо, порача дека светот денес се менува побрзо од кога било и дека токму затоа лидерството, иновациите и способноста за брза адаптација стануваат клучни фактори за успех.

„Малите држави како нашата не можат да се натпреваруваат по големина, но можат да се натпреваруваат преку агилност, знаење, иновации и брз раст. Економскиот раст денес повеќе не зависи само од капиталот, туку од луѓето, талентот и способноста брзо да се носат одлуки и да се имплементираат“, истакна Мизо.

Тој нагласи дека зелената и дигиталната трансформација повеќе не се избор, туку неопходност, а дека дијаспората претставува огромен потенцијал за Македонија преку знаење, инвестиции, менторство и отворање нови глобални можности. Членот на Одборот на директори на Македонија2025, Кати Ицева, ја истакна потребата од системска дигитализација и подготвеност за користење на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека без соодветна инфраструктура, податоци и дигитална зрелост не може да се создаде вистински импакт.

„Технологиите се многу битни, но тие технологии сами не можат ништо да направат. За да се дојде до вистински импакт, мора да има инфраструктура, податоци и дигитализација“, истакна Ицева, осврнувајќи се и на иницијативата „Go Digital“ преку која Македонија2025 работи на поддршка на компаниите и институциите во процесот на дигитална трансформација.

Во текот на првиот ден од Самитот се одржуваат панели и разговори посветени на тоа што треба да се промени за Македонија и регионот да го забрзаат растот, дали регионот може да премине од потенцијал кон реални перформанси, зошто сега е вистинскиот момент за инвестиции, како инфраструктурата може да биде мултипликатор на растот, како иновациите се создаваат преку прекугранична соработка и што значи лидерство во глобална економија што постојано се менува.

На Самитот учествуваат бројни домашни, регионални и меѓународни лидери од бизнисот, финансиите, технологијата, дипломатијата и академската заедница. Со богата агенда, силни пораки и учество на истакнати говорници од земјата и странство, годинешниот Самит на Македонија2025 уште еднаш ја потврдува својата улога како една од најзначајните регионални платформи за идеи, партнерства и иницијативи насочени кон економски развој, лидерство и глобално поврзување на Македонија.

Најнови вести од: Македонија

Агатангел: ВМРО-ДПМНЕ ќе владее колку Тито, оваа Влада ја консолидира Македонија како држава и ги штити националните интереси!

Митрополитот Повардарски Агатангел изрази целосна поддршка за премиерот Христијан Мицкоски и актуелната Влада, оценувајќи дека државата е во сигурни раце, во интервју за телевизија „Алфа“, тој прогнозираше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на власт онолку долго колку што владеел Јосип Броз Тито.

Наумовски: Победата на опозицискиот претседателски кандидат во Бугарија води до предвремени парламентарни избори

-Според некои анализи, тие имаат изгубено можеби две третини од гласовите од парламентарните избори и, според мене, тоа е прв показател дека поддршката која ја имаше Радев на парламентарните избори веќе е значително намалена. Се покажува дека релативно комотната позиција која Радев ја имаше како претседател на државата е различна од состојбата која сега ја има да решава проблеми како премиер, рече Наумовски. По социјалните мрежи имаше една шега дека има низок одѕив на изборите во Бугарија затоа што сите бугарски возови заминале во Србија Ова во „Наткаст“ на „Курир“ го изјави Васко Наумовски, универзитетски професор и поранешен вицепремиер за евроинтеграции.

Мицкоски: Достигнат е БДП од 20 милијарди долари, целта е 22 милијарди! – Опозицијата би се радувала РМ да потоне во нивното политичко мочуриште!

Податоците на Државниот завод за статистика за конечните бројки за 2024 за растот на бруто домашниот производ и ревидираните бројки за 2025 се во нагорна линија од 3,8 отсто, со што Владата ја постгна поставената цел до крајот на мандатот номиналниот бруто домашен производ да биде 20 милијарди долари, сега цели кон 22 милијарди долари, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Средба Муцунски-Клеин: Непрестаен развој на односите и одличната соработка меѓу Македонија и Унгарија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со новоназначениот специјален пратеник на Министерството за надворешни работи на Унгарија за Западниот Балкан, амбасадорот Андраш Клеин.

Најнови вести

To top