Македонија

Калоѓера: Бугарската теорија за еден народ во две држави е производ на болни умови

Никогаш, од Климент и Борис, бугарската држава не била коректна кон Македонците, вели надворешниот член на МАНУ

Хрватскиот славист и македонист и поранешен почесен конзул на Македонија во Риека, Горан Калоѓера, без влакна на јазикот се вклучи во актуелната дебата на македонската политичка сцена околу односите со Бугарија од аспект на условувањата за евроинтеграцијата на Македонија.

„Гледам, читам и слушам дискусии на македонски политичари, интелектуалци итн. во врска со односите со бугарската држава. Има говорници што ги поддржувам, но има уште повеќе кои треба да се фрлат на буништето на историјата. Со еден збор, сè.

Веднаш се оградувам, не ја познавам современата, сегашна македонска политичка сцена доволно за да донесувам какви било мериторни проценки. Но, добро го познавам минатото во односите меѓу Бугарите и Македонците. Никогаш, од Климент и Борис, бугарската држава не била коректна кон Македонците. И ова продолжува од столетие до столетие. И еве нè денес, тие сакаат да влезат во македонскиот устав, а спречуваат сè што можат за да ѝ овозможат на Македонија да влезе во Европската Унија. Го стопираа дури и влезот во оваа група на три мориња…

Нивната теорија за еден народ во две држави е производ на болни умови, кои и понатаму водат свое оро. Бугарија беше и останува кошмар за Македонија и ќе продолжи да биде таква. Повторувам по стоти пат, за жал, Македонија нема пријатели во својата средина, никакви, таа е осамена и оставена сама на себе. Не гледам ни партија ни лидер во Македонија, кој би можел да удри по масата со тупаница и да каже: ‘Сега е доста’.

Моите искрени симпатии се насочени кон г-ѓата претседателка на Македонија, Давкова, која е редок пример за знаење, разум и толеранција. Ѝ посакувам сè најдобро.

Останатото останува исто, од потиснувањето на Словенско-македонското литературно друштво во Софија, потоа Младото македонско литературно друштво (Софија), потоа Македонскиот литературен кружок (Софија), до убиството на истакнати Македонци во Софија, и воената агресија на фашистичките сили во Македонија, сè останува исто, можеби малку пософистицирано, дипломатски омекнато, но секогаш исто. Има една хрватска: ‘Не верувајте му на Германец како ни на зимското сонце’. Е таа би ја препорачал – не верувајте им“, коментира на Фејсбук надворешниот член на Македонската академија на науките и уметностите.

Најнови вести од: Македонија

Клековски: Западнонилската треска стивнува, на Клиниката за инфективни болести сe згрижени шест пациенти

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека епидемијата на западнонилската треска стивнува, за што говорат податоците дека во последните две седмици има по два нови случаја, а и на Клиниката за инфективни болести моментно се згрижени шест пациенти, од кои само двајца се во потешка состојба.

Мицкоски: Колку и да сакаат да го оцрнат работењето на оваа Влада, денес многу подобро се живее отколку пред 3 години!

„Пред 25-26 месеци наследивме  уништени институции, ограбена економија, клекната на колена држава, разочарани и демотивирани граѓани. И сега,  колку и да сакаат да го оцрнат тоа што денеска оваа Влада го работи, ќе мора сите да се согласиме дека денеска многу подобро се живее од тоа што беше пред три години.“ – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи  на новинарско прашање во врска со забелешките на опозицијата околу порастот на бруто-домашниот производ.

„Babuna Red 2023“ на „Тиквеш“ го освои Лондон: Престижен трофеј за најдобро црвено вино од Македонија

На свечениот настан за доделување на наградите освоени на годинешниот International Wine Challenge (IWC), што се одржа на 8. септември во Лондон, трофејот за „Babuna Red 2023“ за најдобро црвено вино од Македонија, му беше врачен на претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски. Со оваа награда, „Babuna Red 2023“ се вбројува меѓу вината што оставија најсилен впечаток на едно од највлијателните и најценети светски вински натпреварувања, потврдувајќи го квалитетот, автентичноста и меѓународниот потенцијал на македонското вино. Ова престижно признание има и дополнителна тежина бидејќи „Babuna Red 2023“ на истиот натпревар освои и златен медал со високи 95 поени, издвојувајќи се меѓу најдобро оценетите вина во својата категорија.

To top