Федералното истражно биро на САД (ФБИ) лоцираше двајца Македонци, Горан Спиридонов (25) и Кристина Јанева (39) кои пљачкале постари Американци, на начин што преку интернет им продавале лажни финансиски инструменти на кои стоело името и ликот на претседателот на САД, Доналд Трамп. „Слободен печат“ дознава дека обвинетите се од Велес, градот што во 2016 година се богатеше од империја на лажни вести за време на американската претседателска кампања. Десет години подоцна, „работата со странци“ од овој град, зазема поинаков правец.
Спиридонов, Јанева и другите промотори на оваа измама, според Њујоршкото обвинителство кое ја спровело истрагата заедно со ФБИ, лажно им претставиле на жртвите дека производите „Трамп Бакс“ (Трамп-долари) се поврзани со претседателот Трамп, членови на неговото семејство, членови на Организацијата Трамп и членови на администрацијата на Трамп, и дека купувањето на „Трамп Бакс“ би помогнало во финансирањето на кампањата за реизбор на претседателот Трамп и разни каузи наводно поврзани со него. Така, поддржувачите на американскиот претседател станаа цел на измамници кои извлекле илјадници долари од нив, вклучително и животни заштеди од пензионери.
Според обвинителниот акт, учесниците во измамничкиот синџир се обиделе и да ги ревиктимизираат жртвите што веќе купиле некој производ од „Трамп доларите“, на начин што ги лажеле дека само ако купат уште производи, дури тогаш ќе може да си ги повлечат парите од претходно купените производи. Сметките на американските државјани биле „цедени“ и така што им било кажувано оти се потребни пари за да ги извадат нивните пари. Сега со обвинителниот акт се бара обвинетите доколку се докаже нивната вина, да ги вратат парите.
Спиридонов и Јанева се државјани и жители на Македонија и сè уште се на слобода, информираше њујоршкото обвинителство.
Обвинението за двајцата е и зашто лажно тврделе дека овие лажни „Трамп-картички“ се „наполнети со десетици или стотици илјади долари во готовина што би можеле да се заменат во банки за време на мандатот на Трамп“.
Министерството за внатрешни работи ќе постапи во рамките на своите надлежности доколку се преземат потребните процесни чекори во врска со информациите од ФБИ дека двајца македонски државјани се бараат во САД за измама и кражба на идентитет, а во моментов се наоѓаат во земјава. Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со главниот извршен директор на „А1 Македонија“, Методија Мирчев, Тошковски посочи дека во моментов не може да открие дополнителни детали за случајот со двајцата македонски државјани.
Во овој момент не можам да споделам повеќе детали од она што излезе во рамките на медиумите. Во секој случај ние ќе постапиме во согласност со нашата надлежност доколку се преземат потребните процесни чекори што треба да се преземат од страна на државата што ја напоменавте и од страна на сите други органи. Така што во делот на МВР, она што е наша надлежност, секако дека ќе постапиме онака како што треба да постапиме – рече Тошковски.