На редовната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС денеска се разговарало за актуелните предизвици со кои се соочуваат општините, при што биле донесени повеќе одлуки во интерес на граѓаните и локалната самоуправа, соопшти попладнево скопскиот градоначалник и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук.
– Една од клучните одлуки е формирањето на кризен противпожарен штаб при ЗЕЛС, со цел подобра, побрза и поефикасна координација меѓу единиците на локалната самоуправа при евентуални пожари во текот на летниот период, во соработка со централните органи. Безбедноста на граѓаните, заштитата на имотот и навремената реакција мора да бидат наш заеднички приоритет – напиша Ѓорѓиевски.
Токму затоа, додаде тој, преку ЗЕЛС ја зајакнуваат меѓуопштинската соработка и градат систем што ќе може да одговори координирано, одговорно и ефикасно во моменти кога тоа е најпотребно.
– На седницата присуствуваше и новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, со кого разговаравме за можностите за основање локални енергетски претпријатија. Ова е важен чекор кон енергетска независност на општините. Преку користење на електричната енергија произведена од соларни панели и нејзино пласирање на пазарот, општините ќе можат да обезбедат дополнителни приходи, што потоа ќе се насочат кон проекти, услуги и подобри услови за живот на граѓаните – информираше Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека ЗЕЛС останува силен партнер на општините и простор каде се носат решенија што значат поголема стабилност, подобра координација и посигурна иднина за сите.
– Целта е да имаме посилни општини, поефикасни институции и подобар живот за граѓаните. Продолжуваме во силно темпо, за доброто на сите граѓани на Република Македонија – нагласи Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.