Светската асоцијација на лауреати, која обединува добитници на Нобелова, Тјурингова, Волфова и Ласкерова награда, три месеци подоцна повторно ги актуализира и објави ставовите на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, оценувајќи дека нејзините пораки за вештачката интелигенција и образованието оставиле силен впечаток во глобалната дебата за иднината на човештвото.
Станува збор за Светскиот самит на лауреати (WLS), еден од најпрестижните меѓународни собири на научници, интелектуалци и добитници на најзначајните светски признанија, каде централна тема е односот меѓу човечката и вештачката интелигенција.
Во својата објава, асоцијацијата пренесува дел од говорот на Сиљановска-Давкова од Светскиот самит на влади во Дубаи, каде таа предупреди на последиците од прекумерната зависност од вештачката интелигенција.
„Кога AI го дава одговорот за секунда, нашиот мозок преминува во режим на „мирување““, наведуваат лауреатите, цитирајќи ја македонската претседателка.
Во објавата се издвојува и нејзината оценка дека светот и натаму функционира според „200-годишен пруски модел“ за едукација на дигиталните староседелци.
„Ако образованието остане фабрика за дипломи и транспортер за податоци, ризикуваме да станеме „дигитални слуги“, контролирани и надминати од алгоритмите што ги користат технолошките елити”, наведува Светската асоцијација на лауреати повикувајќи се на тезите на Сиљановска-Давкова.
Решението? Премин од „полнење на мозокот“ кон „палење на креацијата“. Љубопитноста е единствената искра што AI не може да ја реплицира, објавува Светскиот самит на лауреати пренесувајќи видео од говорот на претседателката.
When #AI gives the answer in a second, our brain goes into "idle" mode.
At #WLS 2026 #Dubai, North Macedonia's President Gordana Siljanovska-Davkova emphasized: We are still using a 200-year-old "Prussian model" to educate digital natives.
If education remains a factory for… pic.twitter.com/RzqCem6Ojp
— World Laureates Summit (@WLA_summit) May 18, 2026
Што порача Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати:
,,Од едната страна, го имаме стариот пруски модел на образование којшто беше дизајниран пред двесте години за линеарниот свет на Првата индустриска револуција. Беше изграден за фабричките линии и за армиските касарни, фокусирајќи се на стандардизација наместо на креативност, но и на послушност наместо на истражување. Во тој модел, студентите се сметаа за табула раса којашто требаше да биде исполнета со стандардизирани факти.
Но, светот драстично се промени. Живееме во време на Четвртата индустриска дигитална револуција, динамична симбиоза на физичкиот, дигиталниот и биолошкиот свет. Ова е ера на паметни системи коишто носат независни одлуки за постигнување на совршенство во производството. Додека стариот свет беше на некој начин ригиден и линеарен, нашиот свет е меѓусебно поврзан и дигитализиран.
За промена во светот, потребна е промена во образованието. За тоа, пак, потребно е реалноста да се согледа низ очите на новите генерации.
Повеќето од нас овде припаѓаат на аналогната генерација, но учениците во нашите училници се дел од дигиталните, аудиовизуелните генерации Y и Z. Ова се деца коишто користат iPad – и пред да можат дури и да одат или да зборуваат. Тие „пливаат“ низ интернетот како риби во морето. Тие не можат да замислат свет без дигитална поврзаност.
Наместо искра којашто се претвора во креативен оган, образованието стана калап за масовно производство на дипломи. Ова се должи на фактот дека стоиме на раскрсница”.
Светскиот самит на лауреати (WLS) е еден од најголемите светски собири на лауреати на Нобелови, Тјурингови, Волфови и Ласкерови наградиСветскиот самит на лауреати (WLS) е еден од најголемите светски собири на лауреати на Нобелови, Тјурингови, Волфови и Ласкерови награди. Самитот ги поврзува брилијантните научни умови со креаторите на политики и лидерите во индустријата за да ја унапредат основната наука, да поттикнат глобална соработка и да се справат со најсложените предизвици на човештвото.
Последниот настан на Самитот на лауерати се одржа во Дубаи (1-3 февруари 2026 година), означувајќи историска соработка со Самитот на светски влади.
Настанот во 2026 година собра над 150 врвни научници, вклучувајќи и лауреати на Нобелова награда, и воспостави стратешка база во Дубаи за проширување на глобалниот научен дијалог.
На самитот на лауреати годинава се обрати и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Во Дубаи дискусиите беа фокусирани на мапата на патот за иднината на основната наука, вештачката интелигенција (ВИ), биотехнологијата, квантната наука и ублажувањето на климатските промени.