
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски денеска изрази уверување дека предлогот за заедничка резолуција со Бугарија до Европскиот парламент, со која ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик е стигнат и сега Софија е на потег, како што рече, да застане на страната на прогресот, што не е само наш, туку и европски интерес.
Муцунски одговараше на новинарско прашање во врска со најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе побара заедно со Бугарија да поднесеме резолуција во ЕП за признавање на македонскиот јазик и идентитет, за тоа дали барањето е доставено, но и преку кој европратеник би се поднела, со оглед на ставот на бугарските европратеници за време на последното гласање во ЕП во однос на извештајот за Македонија.
– Уверен сум дека предлогот е стигнат, имајќи предвид дека се дава една таква изјава на претседател на Владата, за такво прашање, кое ги засега граѓаните… Сметам дека во Бугарија имаат можност да покаже зрелост и капацитетност да оди напред, кон предизвиците од 21. век. Ние секогаш повикуваме на дијалог, на разум во меѓусебните билатерални односи, бидејќи иднината треба да биде споделена, ние сме две соседни земји кои имаат многу што треба да прават заедно, насочено кон подобар живот за нашите граѓани. Една таква позитивна иницијатива се актуелните случувања, поврзани со Коридорот 8, политичко-безбедносен коридор, но и трговски, кој ќе донесе бенефит за нас, за целиот регион, но и за европската стабилност – рече Муцунски.
Тој нагласи дека кога се има заедничка волја се постигнуваат резултати и изрази жалење поради тоа што политичкиот дискурс во Бугарија е заглавен во 19. век.
– Прифаќањето на гестот на премиерот не е поврзано со фактот, односно со прашањето дали ние веруваме во многувековноста на нашата историја, нашиот идентитет или нашиот јазик. Сето тоа што го прочитав како забелешки од експертската јавност, да тие се ноторни факти, кои што постојат, се потврдени од меѓународни организации, од научниот свет, но истовремено и академската заедница некогаш треба да биде свесна за политичката реалност, а политичката реалност е дека нашиот сосед и покај сите овие непобитни факти ги негира нашиот идентитет, нашата историја и нашиот јазик и тоа за нас претставува не само ризик, туку и пречка. И што велиме ние, која е иницијативата на премиерот, дајте да покажеме гест, знак, иницијатива за да ја елиминираме таа пречка и затоа во моментов Софија е на потег да покаже дали ќе оди напред во 21 век или ќе остане заглавена во реториката на 19. век. Јас сакам да верувам во разумот, во прогресивноста на Софија, тоа се тешки одлуки, но затоа сите сме избрани да носиме тешки одлуки. Сега Софија има можност да покаже дали ќе застане на страната на прогресот, што не е само наш туку и европски интерес – рече Муцунски.
Со оглед на тоа што Бугарија тврди дека проблемот за отпочнувањето на преговорите со ЕУ, се само Бугарите во Уставот, македонската страна предлага да биде поднесена заедничка Резолуција во ЕП со којашто ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик. Понудата ја дал премиерот Христијан Мицкоски до бугарскиот претседател Румен Радев и до нивната влада. Пратеникот Антонијо Милошоски, минатата недела говорејќи на темата изрази скептицизам дека ова барање ќе биде прифатено од официјална Софија, бидејќи рече дека кај некои нивни владини претставници видливи се одредени задни намери.
– Доколку пречка за македонските евроинтеграции е само внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш не би требало да биде никаков проблем заедно со соседна Бугарија, да поднесеме резолуција која ќе ја гарантира македонската идентитетска и јазична посебност, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија. Понудата која што е дадена од премиерот Мицкоски е отворена – рече Милошоски.
Муцунски денеска, пак, во однос на Акцискиот план до ЕК, рече дека доставиле една драфт верзија на тој документ пред неколку месеци, а пред десетина дена добиле коментари на тој документ од страна на експерти. Експертски тим работи на анализа и на одобрување на содржината на документот, а според него станува збор за добар документ со потреба за одредени модификации.
– Се работи на тоа новата верзија согласно препораките од независниот експерт да ја доставиме до Брисел до крајот на летото. Нашата цел е да доставиме акциски план кој ќе биде спроведлив, оваа земја е пример во делот на почитување на етничките права, ние сме над европските стандарди и сакаме да биде уште подобро, но да не си поставуваме рамка, која нема да можеме да ја постигнеме, бидејќи некој европски претставник утре во Европа ќе нѐ мери по тој план – нагласи Муцунски.