Македонија го заврши првиот квартал од годинава со значително повисок надворешен долг. За само три месеци обврските кон странство се зголемиле за 742 милиони евра, при што најголемиот дел од растот доаѓа од државното задолжување поврзано со новата еврообврзница. Според најновите податоци на Народната банка, на крајот на март годинава бруто надворешниот долг достигнал 12,94 милијарди евра, што претставува 70,5 проценти од проектираниот бруто-домашен производ за 2026 година. Во споредба со крајот на 2025 година, долгот е повисок за 6,1 проценти или за 741,5 милиони евра.
Најголем придонес во растот има јавниот сектор. Јавниот надворешен долг се зголемил за 461,4 милиони евра и достигнал 5,9 милијарди евра. Главната причина е издавањето на новата еврообврзница во вредност од една милијарда евра, при што истовремено бил предвреме откупен дел од претходната еврообврзница во износ од 384 милиони евра.
Истовремено, и приватниот сектор го зголемил своето задолжување кон странство. Приватниот надворешен долг пораснал за 280,1 милион евра и достигнал 7,04 милијарди евра. Најголем дел од овој раст произлегува од задолжувањето меѓу капитално поврзани компании, но и од зголемените обврски на банките и останатите приватни компании.
Од друга страна, растеле и побарувањата на македонските субјекти од странство. Бруто надворешните побарувања на крајот од март изнесувале 8,14 милијарди евра, што е за 523,1 милион евра повеќе во однос на крајот на минатата година. Тоа претставува раст од 6,9 проценти. Сепак, бидејќи долгот растел побрзо од побарувањата, нето надворешниот долг е дополнително зголемен. На крајот на март тој достигнал 4,8 милијарди евра или 26,2 проценти од проектираниот БДП, што е за 218,5 милиони евра повеќе отколку на крајот од 2025 година.

Структурата покажува дека приватниот сектор и натаму носи најголем товар во нето задолженоста на земјата, со учество од 68 проценти во вкупниот нето надворешен долг. Податоците на Народната банка покажуваат и натамошно влошување на меѓународната инвестициска позиција на земјата. Негативната нето меѓународна инвестициска позиција достигнала 9,01 милијарди евра, што е еквивалентно на 49,1 проценти од проектираниот БДП за годинава. Во однос на крајот на 2025 година, негативната позиција е продлабочена за дополнителни 258,9 милиони евра.
Овој показател ја отсликува разликата меѓу финансиските средства што македонските субјекти ги поседуваат во странство и обврските што ги имаат кон нерезиденти. Податоците покажуваат дека обврските растеле побрзо од средствата, при што во првиот квартал обврските се зголемиле за 923 милиони евра, а средствата за 664 милиони евра. Особено е значајно што дури 96 проценти од негативната меѓународна инвестициска позиција се однесуваат на директни инвестиции, а најголемиот дел од нив се поврзани со сопственички капитал. Тоа значи дека значителен дел од странскиот капитал во земјата е инвестиран преку сопственички удели, а не преку задолжување.
Иако нивото на надворешниот долг како удел во БДП е благо пониско во однос на крајот на минатата година поради растот на економијата, апсолутните бројки покажуваат дека Македонија во првиот квартал продолжила да го зголемува своето надворешно задолжување, пред сè поради потребите на државата за финансирање преку меѓународните пазари на капитал.