Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави почеток на преговори за нов колективен договор и зголемување на платите за припадниците на Армијата.
Тој посочи дека разговорите со синдикатите за новиот колективен договор ќе започнат во понеделник, и дека почнувајќи од следната година, планирано е зголемување на платите и бодовите за пресметување на платите.
Според него, во наредните години ќе има и процентуално зголемување на платите во согласност со буџетските можности.
Мисајловски нагласи дека Министерството истовремено работи на сервисирање на обврските наследени од минатото, особено врз основа на тужби, додавајќи дека секоја година се плаќаат неколку илјади вакви случаи.
Тој нагласи дека со тековниот ребаланс на буџетот, приоритет е покривање на старите долгови, но и обезбедување средства за подобрување на капацитетите и нови инвестиции во Армијата.