Секој граѓанин со изјава кај матичен лекар сам ќе одлучи дали ќе биде органодарител.
Ова е една од клучните новини на Законот, кој беше донесен по скратена постапка, доби поддршка од 58 пратеници во Собранието, додека шест гласаа против.
Од Министерството за здравство оценуваат дека со овие измени значително се унапредува правната и институционалната рамка за органодарителство и трансплантација во земјата.
Според Министерството, усвоениот закон претставува значаен чекор кон воспоставување пофункционален, поефикасен и подостоинствен систем за органодарителство и трансплантација, во интерес на пациентите и на јавното здравје.
„Министерството за здравство останува посветено на понатамошно зајакнување на трансплантацискиот систем, подигнување на јавната свест и градење доверба, затоа што органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста“, соопштија од Министерството за здравство.
Меѓу клучните измени е и проширувањето на кругот на живи дарители, така што органи ќе можат да даруваат и сродници до четврти степен на сродство. Притоа, секој случај ќе биде разгледуван од Етичка комисија, која ќе ја утврдува доброволноста на одлуката и ќе спречува можни злоупотреби.
Дополнително, се воведува и можност граѓаните преку нов дигитален модул во системот „Мој термин“ јасно да ја изразат својата волја дали сакаат да бидат органодарители.
Изјаснувањето ќе биде безбедно, со двојна верификација, а граѓаните во секое време ќе можат да ја променат или повлечат својата одлука.