Македонија

Во релативно краток период, Македонија стана сведок на сè погрозоморни и морбидни убиства

За релативно краток период ни се случија неколку грозоморни убиства на жени според кои може да се напишат филмски сценарија за морбидни хорори

Задушена со голи раце, избодена со нож до смрт, обезглавена и со отсечени раце и нозе, сериоски убиец што си ги задоволувал страстите врз мртвите тела – за релативно краток период ни се случија неколку грозоморни убиства на жени според кои може да се напишат филмски сценарија за морбидни хорори.

Последниот случај викендов во Таор ја згрози јавноста. 51 годишен жител од Општина Зелениково ја зел сопругата од работа и ја одвел во непристапна шума близу селото Летевци. Ја тепал и матретирал, на крај ја задушил држејќи и ги устата и носот затворени. Жената починала во агонија. Телото го фрлил во шумата и го покрил со гранки. Откако ја убил, се јавил во полиција и ја пријавил дека исчезнала,за само ден потоа да пријави дека знае каде е жена му бидејќи вечерта ја сонил. Ова е и морничавото алиби со кое се брани. Тврди дека тој не е убиецот, туку дека таа на сон му се јавила.

Ова е смао последното во низата морбидни убиства. Пред неколку месеци во Општина Старо Нагоричане се појави и првиот сериски убиец во поновата македонска историја. Овчарот Трајко Бојковски од село Малотино е обвинет за убиство на четири жени и уште два обида. Мотив на серискиот убиец му била омразата кон жените, а делата ги извршувал подмолно, со ниски побуди и користољубие.

Еден од случаите е кога влегол во куќата на заспана жена и физички ја нападнал и насилно почнал да ја задушува. Од бројните скршеници и повреди, поради кои не можела да дише, жената починала. На идентичен начин ги убил и другите жени. Добро го познавал теренот, жените ги демнел, па ги напаѓал, а сите откриени убиства се случиле во период од јануари во 2025 година до февруари годинава кога беше откриен. Сите жртви се повозрасни, освен една која е на 35 години. Обвинителството влезе во трага на серискиот убиец во февруари, кога беше пронајдена последната жртва полугола во нејзиниот дом. После тоа започнаа да се откриваат и другите убиства кои биле затворени како природна смрт. Беа откопани три жени како можни жртви, а нивната обдукција потврди две убиства.

Претходно, хорор се случи во Штип. 74-годишниот Денис Асанов е осуден на доживотен затвор за убиството на 79-годишната Борјанка Николова на која распарчил телото. Дел од трупот беше пронајден во дворот од неговата куќа, додека останатите делови не беа пронајдени и покрај претрагите на полицијата на депонијата близу Штип.

Со остар предмет ги отсекол главата и нозете на жртвата. Трупот со рацете го закопал во дворот на неговата куќа, додека останатите делови ги фрлил на непознато место.

Доживотен затвор доби и 60 годишниот Усаин Рашидов за убиството на 46 годишната Танкица Младеновска од Кочани, пред две години. Тој призна вина пред судот за свирепото убиство. Младеновска беше над 40 пати избодена со нож до смрт пред нејзината куќа додека се подготвувала да оди на работа.

Во последните пет години во Македонија се убиени околу 30 жени.

Најнови вести од: Македонија

To top