Работењето на „Лидл“ во Македонија ќе значи мапирање на државата, подобрување на бизнис климата, но и нови искуства во малопродажбата. Најголем бенефит од инвестицијата на компанијата ќе имаат домашните земјоделци, истакна денеска заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, на поставувањето на камен темелник на новиот маркет во Струмица. Тој изрази надеж дека за многу скоро, некаде околу Нова Година, ќе ги видиме и првите „Лидл“ маркети отворени во Македонија.
- „Навистина ми е драго што денеска сме тука и означуваме почеток на еден огромен објект за Струмица и за целиот регион. Многу значи тоа што најголемиот бренд во трговијата, во малопродажбата, како што е ‘Лидл’ доаѓа во Македонија. Тоа многу значи за државата, за мапирање на државата, многу значи и за бизнис климата. И драго ми е што можеме да дадеме поддршка и да овозможиме да се реализираат инвестиции кои што се некаде околу 200 милиони евра планирани во државата, што е огромна работа. Ние се бориме за секоја инвестиција, за секое евро, за секое работно место, 200 милиони евра за економија како нашата, како македонската, е огромна работа и навистина сме благодарни на таа работа и сакаме максимално да ја поддржиме”, истакна Николоски.
Тој потенцира дека од оваа инвестиција најголем бенефит ќе имаат земјоделците токму од Струмичко.
- „Убеден дека ‘Лидл Македонија’, но и пошироко ќе ги препознае и најдобрите производи од Струмица и од Струмичко. Најубавите раноградинарски производи се произведуваат токму тука. И сум убеден дека бројни производи од Струмичкото поле ќе се најдат на трпезите на многу луѓе, не само во Македонија, туку и во целиот регион. Знам дека веќе Лидл прави извоз и сакам да се заблагодарам за тоа. Многу значи за земјоделците, ова е земјоделски крај и ова е крај каде што се заработува со мака, со пот, се почнува да се работи многу рано наутро“, рече Николоски.