Несекојдневен и крајно вандалски инцидент ги вознемири жителите на скопската населба Кисела Вода.
На групата „Кисела Вода – Пријави проблем“ на Фејсбук беа објавени фотографии од детско игралиште на улица Ѓорги Сугаре, веднаш до зградата „Дабар“, во кое лизгалките и другите реквизити се целосно полеани со уље.
Жителка на населбата во објавата директно се обрати до сторителот:
„Вака јавно да го прашам тој што детските реквизити ги истури со уље во паркчето каде што дечињата од најмали до најголеми се радуваат, дали сега помирно ќе спиеш, дали совеста ќе те копка? Не бе другари, не е до државата, не е до општината – до нас е.“
Постот предизвика голем број реакции. Многу коментатори изразија сомневање дека станува збор за „постар намќор комшија“ кому му пречат децата што играат и галамат.
„Потоа децата биле хулигани и демолирале. Еве доказ од кого учат“, стои во еден од коментарите.
Други граѓани споделуваат слични искуства од други градови, а дел повикуваат на чистење на игралиштето и враќање во првобитна состојба за децата повторно да можат безбедно да го користат.
Засега нема официјална реакција од надлежните институции или општината Кисела Вода.

