Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, оцени дека Македонија успешно ја одржува ценовната стабилност и покрај глобалните економски предизвици, посочувајќи дека последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат најниска инфлација во регионот.
Стојаноски соопшти дека годишната инфлација во јуни изнесува 3,4 отсто, додека во споредба со мај е забележано намалување од 0,5 процентни поени.
„Особено значајно е што инфлацијата кај храната и безалкохолните пијалаци изнесува само 2,5 отсто, а кај облеката и обувките 2,1 отсто. Тоа се категориите кои најдиректно влијаат врз животниот стандард на граѓаните“, рече Стојаноски.
Тој истакна дека Македонија има најниска инфлација во регионот меѓу земјите кои досега ги објавиле податоците за јуни. Според неговите зборови, инфлацијата изнесува:
- 3,4% во Македонија
- 3,6% во Словенија
- 3,9% во Грција
- 4,5% во Хрватска
- 5,6% во Бугарија
- 32,1% во Турција
Стојаноски додаде дека и податоците за мај од соседните земји покажуваат дека Македонија останува меѓу државите со најниска инфлација во регионот.
„Со одговорни политики, навремени мерки и стабилно економско управување може да се заштити животниот стандард на граѓаните. Фактите и бројките се најсилниот одговор на сите обиди за создавање лажна слика за економската состојба“, порача пратеникот.
Тој најави дека Владата ќе продолжи со политики насочени кон одржување на стабилни цени, поддршка на граѓаните и поттикнување на економскиот раст.