Македонија

Сиљановска-Давкова: 30 септември е клучен датум за иднината на проширувањето на ЕУ

Претседателката гледа простор за интензивирање на дијалогот со Бугарија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека 30 септември е клучен датум за иднината на процесот на проширување на Европската Унија, кога Европската комисија треба да го претстави извештајот со новиот пристап кон проширувањето.

Во интервју за Канал 5 телевизија, Сиљановска-Давкова рече дека на 30 септември Европската комисија првпат ќе го претстави моделот според кој ќе се одвива натамошниот процес на проширување, а потоа во октомври за истите прашања ќе расправа и Европскиот совет.

„Тоа се моментите што нам ни се важни за да ги процесуираме чекорите што сепак се можни и се договараат“, истакна претседателката.

Осврнувајќи се на односите со Бугарија, таа изјави дека по неодамнешните контакти со бугарскиот претседател Румен Радев гледа простор за интензивирање на дијалогот и за барање заеднички решенија.

„Заклучокот е дека треба многу напор, многу добра волја за да чекориме некако. Треба нешто заедно да инвестираме за да дојдеме до некакво решение“, додаде таа.

Сиљановска-Давкова нагласи дека уставните измени сами по себе не претставуваат гаранција дека нема да се појават нови пречки на патот кон Европската Унија. Според неа, изворот на потенцијалните идни блокади е Вториот протокол меѓу Скопје и Софија, чии одредби се инкорпорирани во преговарачката рамка.

„Патот сигурно ќе се отвори за момент, меѓутоа потоа на патот ќе се појави повторно нова препрека. Треба да го анулираме изворот на препреките, а тоа е Протоколот 2“, потенцира претседателката.

Таа повтори дека Македонија се залага за решение кое би ја спречило билатерализацијата на евроинтегративниот процес и оцени дека Европската Унија располага со механизми преку кои може да спречи блокади засновани на идентитетски прашања.

Во интервјуто, Сиљановска-Давкова посочи дека никој не може да гарантира оти во иднина нема да има ново вето од земја членка, но оти Унијата може да воспостави правила според кои евроинтеграцијата нема да се попречува поради прашања што не се поврзани со критериумите за членство.

Таа истакна дека земјава останува посветена на реформската агенда и оцени дека е подготвена да го следи темпото на државите кои најбрзо напредуваат кон членство во ЕУ.

Најнови вести од: Македонија

To top