Македонија

ИСОС ја продлабочува соработката со професионалните организации во регионот

Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) беше домаќин на претставници на Институтот на сметководители и ревизори на Косово (SCAAK), при што се одржа заедничка средба на двете професионални организации.

Средбата беше посветена на размена на искуства и добри практики, презентација на тековните активности на двата института, како и разгледување на можностите за развој на заеднички иницијативи во областа на едукацијата, професионалниот развој и унапредувањето на сметководствената професија. Во фокусот беа и идните чекори за продлабочување на регионалната соработка и заедничките активности во интерес на професијата.

„Бевме домаќини на нашите колеги од Косово со кои имавме исклучително продуктивна средба и заеднички ги дефиниравме областите за понатамошно јакнење на соработката. Особен фокус посветивме на професионалната едукација, етичките стандарди во финансиското известување и предизвиците што ги носи технолошката трансформација на професијата. Во наредниот период дополнително ќе ги засилиме активностите на регионално и меѓународно ниво, со цел да придонесеме кон развојот на професијата и уште посилно позиционирање на македонското сметководство“, истакна Весна Прентоска, претседател на ИСОС.

Институтот на сметководители и ревизори на Косово (SCAAK) повеќе од 25 години активно придонесува за развојот на професијата и е членка на Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), претставувајќи еден од најрелевантните професионални институти во регионот.

„Со големо задоволство ја прифативме поканата на ИСОС за оваа заедничка средба на двата Институти. Уверени сме дека преку размена на искуства, знаење и добри практики можеме заеднички да придонесеме за унапредување на професијата во двете земји. Особено нè инспирираа активностите што ИСОС ги реализира за зголемување на атрактивноста на сметководствената професија кај младите, како и нивните иницијативи за јакнење на регионалната соработка. Во наредниот период ќе работиме на заеднички обуки, размена на експерти и иницијативи кои ќе придонесат за повисок квалитет на финансиското известување“, истакна Теута Укшини Алиу, извршен директор на Институтот на сметководители и ревизори на Косово (SCAAK).

Во изминатите години ИСОС континуирано инвестира во развојот на регионалната и меѓународната соработка. Еден од најзначајните проекти во таа насока се регионалните конференции на сметководители и овластени сметководители, кои Институтот успешно ги организира три години по ред. Годинашното издание обедини околу 1.000 учесници од земјата, како и регионални и меѓународни експерти, отворајќи дискусии за најактуелните предизвици и можности за развој на професијата.

Во услови на забрзана дигитализација и сè поголема примена на вештачката интелигенција, сметководствената професија се соочува со нови предизвици, но и нови можности. Токму затоа, јакнењето на професионалните компетенции, етичките стандарди и регионалната соработка остануваат меѓу стратешките приоритети на ИСОС.

ИСОС ќе продолжи активно да гради партнерства со сродни професионални организации во регионот и пошироко, со цел понатамошен развој на професијата, размена на знаење и искуства и уште посилно позиционирање на македонските сметководители во меѓународната професионална заедница.

Најнови вести од: Македонија

Над 1000 повици за паднати дрвја и летнати кровови пријавени во ЦУК по невремето во Скопје

Повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани на Единствениот број за итни повици 112 по силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје, информира Центарот за управување со кризи

„Визер“ ја крева Македонија повисоко на европското небо, додаде уште еден авион

Скопскиот аеродром добива нов залет со проширувањето на базата на „Визер“, која носи повеќе летови и нови европски дестинации. Порастот на бројот на патници покажува дека воздушниот сообраќај во Македонија влегува во нова фаза на развој. Со седмиот авион, земјава се приближува до целта од четири милиони патници годишно, а придобивките се очекуваат и во туризмот, бизнисот и во економијата.

Продолжува намалувањето на бројот на новопрегледани пациенти во болницата и во здравствениот дом во Гостивар

Според податоците од јавните здравствени установи во Гостивар, во текот на вчерашниот ден (20.07.2026 година) продолжува трендот на намалување на бројот на новопрегледани пациенти, односно лица. кои првпат побарале лекарска помош поради симптоми на гастроентеритис.

Мицкоски: Посетата на индиската претседателка Мурму отвора нови перспективи за двете држави, за зајакнување на партнерството во повеќе области од заемен интерес

Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски денеска оствари работен ручек со претседателката на Република Индија Драупади Мурму, која престојува во својата прва официјална посета на Македонија.

To top