Во соопштението во врска со оваа одлука на Владата на Република Македонија се истакнува: Со оглед дека локалната самоуправа не може да се справи со настаната состојба во Општина Гостивар, Владата донесе ваква одлука за прогласување на кризна состојба се со цел побрза координација на институциите како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување на вода за пиење во најкраток можен рок.
Здравјето на граѓаните на Општина Гостивар останува во средиштето на вниманието на Владата и посветени сме кон целосно решавање на овој проблем.
Очекуваме Јавното обвинителство да спроведе детална истрага и да го расчисти случајот, одговорност мора да има за секој што ги ставил во опасност здравјето и животите на гостиварчани.
Управувачкиот комитет го сочинуваат министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за здравство Сашо Клековски, министерот за транспорт Александар Николоски и директорот на Дирекција за заштита и спасување Стојанче Ангелов, како и надворешните членови министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, директорот на СОЗР Ивица Томовски, директорот на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на АХВ Оливер Миланов, директор на Инспекторат за животна средина Ивана Гиновска и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.