Свет

Иран упати директно предупредување до Бугарија

Остра нота до Софија за американските авиони

Иран упати директно предупредување до Бугарија поради најавеното привремено распоредување на американски воени авиони-цистерни на нејзина територија, повикувајќи ја Софија да не дозволи земјата да стане база за операции против Техеран.

Предупредувањето се однесува на предлогот на бугарската Влада за привремено стационирање на најмногу осум американски авиони за дополнување гориво во воздух во воената воздухопловна база „Безмер“ во југоисточниот дел на земјата.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека секоја поддршка за американски напади би значела дека Бугарија станува соучесник во „агресија и воени злосторства“.

Ова не е првпат Техеран да испрати такво предупредување. Во април Иран ѝ достави дипломатска нота на Софија во која побара Бугарија да не дозволи американски воени авиони да ги користат нејзините аеродроми за евентуални операции против Иран.

Бугарија и Соединетите Американски Држави ги отфрлија овие тврдења, нагласувајќи дека распоредувањето на авионите KC-135 има исклучиво одбранбена цел и не е поврзано со воени операции на Блискиот Исток.

Од Европската команда на американската војска соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата и дека се подготвени да одговорат на сите потенцијални закани. Бугарското Министерство за надворешни работи, исто така, ги отфрли наводите дека бугарската територија би можела да се користи за напади врз Иран, истакнувајќи дека не се планираат никакви воени операции од територијата на земјата кон Блискиот Исток.

Бугарската Влада соопшти дека не презема непријателски чекори кон Техеран и ги повика Иран и САД да ги прекинат воените активности и да се вратат на преговори за траен прекин на огнот.

Американските авиони-цистерни претходно беа стационирани на аеродромот во Софија, но кон крајот на јуни беше побарано нивно преместување од цивилниот аеродром. По повторното американско барање, бугарската Влада ја предложи воената база „Безмер“ како нова локација.

Станува збор за авиони KC-135 кои им овозможуваат на борбените и другите воени летала значително подолго да останат во воздух за време на извршување на задачите.

Најнови вести од: Свет

Грција стави „сопка“ на новиот пакет санкции кон Русија

Атина сака да ги ублажи и веќе договорените ограничувања за увоз и трговија со руски течен природен гас (LNG),бидејќи Грција е светска превозна сила, а транспортот на течен руски гас преку водите и пристаништата на ЕУ носи милијарди приходи

To top