Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска од Гостивар порача дека одговорност ќе сноси секој што со дејствување или со пропуштање да постапи согласно законските обврски придонел за загадувањето на водата во градот. Тој истакна дека во рамките на истрагата, по наредба на Јавното обвинителство, веќе се преземаат бројни истражни дејствија, а на информативен разговор се повикани повеќе лица.
„Секој што сторил нешто што не требало да го стори или не сторил нешто што бил должен да го направи, а за кого ќе се утврди директна или индиректна вина, ќе одговара“ порача министерот.
Тошковски, кој е и раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, по состанокот на Централниот кризен штаб во Гостивар, нагласи дека никој нема да биде поштеден доколку се утврди дека има вина.
„ Одговорност ќе се побара од секој за кого ќе се утврди дека, без разлика дали со дејствување или со пропуштање да постапи согласно законските обврски, придонел за оваа состојба“, порача Тошковски.
Министерот потенцираше дека постапката ќе се води исклучиво согласно законските процедури.
„ Ние сме должни да ја утврдиме одговорноста, но во рамките на законска постапка, со почитување на сите правила, а не како да сме на Див Запад“, рече министерот.
Осврнувајќи се на прашањето како анализите на водата во претходниот период не покажале отстапувања, Тошковски истакна дека мора да се стави крај на, како што рече, паушалното работење и да се воспостават јасни процедури и стандарди.
„ Еднаш засекогаш мора да воспоставиме систем со јасни правила и процедури што ќе гарантираат безбедност и квалитет во интерес на граѓаните. Ако така работиме во иднина, нема да се соочуваме со вакви кризи. Ако продолжиме како досега, повторно ќе ги имаме истите проблеми и нема да сме научиле ништо од ова искуство“, нагласи Тошковски.
Тој додаде дека Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и сите надлежни институции ќе ја завршат својата работа до крај.
„Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и сите истражни органи што работат на случајот ќе ги преземат сите неопходни дејствија за да се утврди фактичката состојба и да се обезбеди правда. Досега многупати покажавме дека кога има волја, резултатите не изостануваат. Така ќе биде и во овој случај“, порача министерот.
Во меѓувреме, Основниот суд во Гостивар им одреди 30-дневен притвор на тројцата осомничени во истрагата за загадувањето на водата. Станува збор за Артан Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, лица на раководни позиции во Јавното комунално претпријатие во Гостивар, кои се осомничени во истрагата поврзана со епидемијата предизвикана од загадената вода за пиење.