Македонија и Албанија мора да продолжат со исполнување на препораките што беа донесени изминатите години, со цел да се спречи понатамошно влошување на состојбата. Меѓу клучните забелешки остануваат потребата од отстранување на бесправните градби, усогласување на урбанистичките планови со обврските од УНЕСКО и изработка на сеопфатна стратешка проценка на влијанијата врз животната средина.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлучи Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Наместо тоа, Северна Македонија и Албанија добија дополнителен рок од пет години за спроведување на препораките за заштита на Охридското Езеро и неговото природно и културно наследство.
Одлуката беше донесена на 48. сесија на Комитетот за светско наследство што се одржува во Бусан, Јужна Кореја. За неа гласаа 16 од вкупно 21 земја членка.
Македонската делегација во Бусан беше предводена од вонредниот и ополномоштен амбасадор при УНЕСКО, Игор Николов. Според делегацијата, одлуката претставува израз на доверба во досега преземените активности, но и можност државата да покаже конкретни резултати во спроведувањето на препораките.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунскиоцени дека одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО претставува значаен дипломатски успех за државата и резултат на координирана акција на институциите,објави Дојче веле
Иако регионот избегна да биде прогласен за светско наследство во опасност, во нацрт-одлуката на Комитетот беше констатирано дека напредокот е ограничен и дека главните закани сè уште не се отстранети.
Охридскиот Регион со години се соочува со сериозни ризици поврзани со дивоградбите, прекумерната урбанизација, деградацијата на крајбрежјето, несоодветното управување со отпадните води и недоволната заштита на екосистемот.