Македонскиот премиер Христијан Мицкоски уште днаш ѝ порача на Бугарија дека нема да има уставни измени под непринципиелен булинг што ја злоупотребува позицијата на земја-членка на Европската унија кон својот сосед и кандидат за членство.
„И ние сме свесни што договорила таа некоја претходна Влада (на Македонија – н.з.), но исто така во Бугарија некоја претходна Влада договорила нешто коешто се вика почитување на човекови права. Сега од нас се бара по принципот, ние сме внатре вие сте надвор и вие сакате да дојдете внатре, да прифатиме тоа што е договорено, а од друга страна тоа што го прифатила некоја бугарска влада, во случајов почитување на човекови права, не се почитува. Јасно е дека имаме дузина пресуди од Стразбур, од Судот за човекови права, за македонската заедница во Бугарија, да се почитуваат нејзините човекови права, да се дозволи регистрирање на клубови на организации итн. Тоа се вика булинг и тоа нема никаква врска со Копенхашките критериуми, ниту пак со вредностите на ЕУ дефинирани од Шуман, Дегаспери и Аденауер“, изјави Мицкоски за поткасот „Риштази“ на Коха.
„Тоа е – ние сме внатре, вие сте надвор и ако сакате да бидете внатре вие тоа ќе го прифатите или нема да бидете внатре. Тоа е булинг и тоа е непринципиелна политика. Тоа е политика на двојни стандарди. Простете, но јас не сум љубител на таков тип на политика. Тоа што важи за мене ќе важи и за вас и обратно, тоа што важи за вас ќе важи и за мене. Ова не е шведска маса, па ова ми одговара, тоа не ми одговара, ова ќе си го земам, тоа ќе го оставам. Не, ова се принципи. Колку си играте со принципите, толку тежите како човек. Ако правите компромис со принципите, тогаш кога вас ви одговара, тогаш губите на специфичната тежина како човек“, нагласи претседателот на македонската влада.
„Целта на оваа Влада е да бидеме дел од ЕУ, а не само да го почнеме процесот на зачленување. Кога ние ќе знаеме и кога ќе имаме на маса решение коешто ќе нè однесе вод ЕУ, тогаш ние сме подготвени да разговараме. Ние не сме подготвени да разговараме за инстант времени решенија коишто го отпочнуваат овој процес, бидејќи ние сме го заслужиле тоа уште пред 25 години. Јас сум сведок кога ми велеа само да го смените името и веднаш потоа станувате дел од НАТО, ги почнувате преговорите и бидејќи сте најдобри во клубот за 4-5 години станувате членка на ЕУ. Тие 4-5 години поминаа пред 3 години, а ние сме уште на истото место кај што бевме пред да го смениме уставното име, а нема да зборувам дека сменивме и знаме, менувавме банкноти, Устав неколку пати. И секогаш беше онаа иста реторика, прозорецот е отворен, сега е моментумот, само уште ова направете го и завршено е. Како што гледате, искуството нè учи на потешкиот пат“, заклучи Мицкоски.