Македонија

Крушево вечерва гори: Коњаниците пристигнаа, се крена знамето на Крушевската Република

Во илинденски дух

Со свечен пречек, Илинденската коњаница пристигна во Крушево, каде традиционално се приклучува на централните чествувања по повод Денот на Републиката – Илинден.

Станува збор за повеќедневен коњички марш што секое лето се организира во чест на Илинденското востание од 1903 година, Првото заседание на АСНОМ од 1944 година и Крушевската Република. Маршот е симбол на патриотскиот дух, слободата и сеќавањето на илинденските идеали.

Традицијата започнала во 1978 година, кога тројца момци од скопското Горно Лисиче – Борис Змејковски, Борче Стефковски и Гоце Стефковски – самоиницијативно на коњи тргнале кон Крушево. На 31 јули истата година пристигнале пред споменикот „Илинден“ на Гумење, со што го поставиле темелот на денешниот марш.

По неколкугодишен прекин, традицијата повторно оживеа кон крајот на деведесеттите години, а од 2000 година официјален организатор е Здружението „Илинденски марш 1978“.

Паралелно се развива и маршот „Патот на црешовото топче“, кој го организира Бигорскиот манастир. Тој го следи патот по кој во 1903 година било носено легендарното црешово топче – симбол на Илинденското востание. Пред тргнувањето, коњаниците присуствуваат на света литургија, добиваат благослов и положуваат традиционална заклетва на верност кон Македонија.

Маршот започнува од црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Горно Лисиче и неколку дена минува низ повеќе населени места. По патот, коњаниците ги пречекуваат граѓани со песни, ора и пригодни културни програми, а во повеќе градови се положува цвеќе пред спомениците на илинденците.

Годинава во Крушево пристигнаа повеќе од 140 коњаници од различни краеви на Македонија, кои со македонски знамиња и традиционална носија ја продолжуваат речиси петдецениската традиција.

Илинденската коњаница останува еден од најпрепознатливите симболи на чествувањето на Илинден, потсетувајќи на храброста на комитите, Крушевската Република и идеалите за слобода што и денес се пренесуваат на новите генерации.

Најнови вести од: Македонија

To top