По повод 2 Август – Денот на Републиката, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, упати честитка во која порача дека Илинденските идеали се темелат на слобода, еднаквост и соживот, оценувајќи дека земјата денес се оддалечува од тие вредности.
Ахмети истакна дека духот на Крушевската Република бил визија за држава во која сите заедници рамноправно ја делат одговорноста и иднината. Според него, наместо поголема инклузивност, во последните години се забележува маргинализација на Албанците во институциите, администрацијата, дипломатијата, безбедносниот сектор, правосудството, образованието и другите области.
Во честитката тој оцени дека Охридскиот рамковен договор се соочува со обиди за негово поткопување, наведувајќи дека нападите врз службената употреба на албанскиот јазик, укинувањето на механизмите за правична застапеност и, како што вели, слабеењето на заштитните механизми за заедниците претставуваат загрижувачки процеси.
Ахмети упати критики и кон дел од албанските политички претставници, обвинувајќи ги дека не ги застапуваат интересите на граѓаните и дека соработуваат со власта на штета на, како што наведува, принципите на еднаквост.
Во својата порака тој нагласи дека определбата на Албанците останува Македонија да биде заедничка, демократска и европска држава, со еднакви права за сите граѓани и со јасна евроатлантска ориентација.
На крајот од честитката, Ахмети повика на надминување на поделбите и градење на иднината врз меѓусебна почит, еднаквост и партнерство, оценувајќи дека само на тој начин може да се обезбеди стабилна и просперитетна држава за сите граѓани.