Вкупно 20 пожари на отворен простор се регистрирани во изминатото деноноќие до 07:30 часот утринава, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од нив, еден пожар е сè уште активен, еден е ставен под контрола, а 18 се изгаснати.
Активен е пожарот во општина Македонски Брод, во село Грешница, на местото викано Стојанова Населба, каде гори ниска вегетација, деградирана шума и грмушки.
Под контрола е ставен пожарот во општина Делчево, во близина на депонијата Делчево.
Во текот на денот биле изгаснати 18 пожари низ повеќе општини во земјава. Меѓу погодените локации имало ниска вегетација, грмушки, стрништа, депонии, отпад, слама, како и шумски површини.
Пожари биле регистрирани во општините Карпош, Петровец, Бутел, Битола, Богданци, Прилеп, Долнени, Кавадарци, Неготино, Виница, Зрновци, Липково, Кратово, Ранковце, Желино, Теарце и Гостивар.
Од ЦУК апелираат на внимателност, особено во услови на високи температури и зголемен ризик од појава и ширење на пожари.