
Човекот кому му се распадна Либералната партија кога Стојан Андов му ја остави во наследство се обидува да ја убеди јавноста дека на местото на македонската нација сега треба да се гради северномакедонска нација.
Ивон Величковски кој се претставува како политичар а со години не може да собере доволно потписи да го регистрира движењето Нова Република како партија дури зборува за северномакедонски национализам кој треба да го замени македонскиот национализам.
Во текст со наслов ,,За неопходноста на македонскиот народ од северномакедонски национализам и негов(и) политички носител(и)”, Величковски исто како бугарските европарламентарци тврди дека тој е дел од модерна нација односно дека македонската нација е нова и треба да се нарекува северномакедонска.
Величковски не кажува од кога би датирала новата нација но со оглед на тоа што Македонија стана Северна во 2018 година тоа би значело дека Македонците сега како Северномакедонци се нација стара 7 години.
Оваа позиција на Величковски сигурно со радост ќе биде дочекана во Софија и Атина каде неуморно се обидуваат да докажат дека Македонците и македонската нација не постојат.
,,Секоја модерна нација, вклучително нашата, на Северна Македонија, е политичко и меѓународно-правна категорија што ги дефинира државјаните на една меѓународно призната држава со сите нивни:
– лични (вклучително граѓански) и
– колективни (вклучително етнички) права и карактеристики.
Државата дома ги штити личните и колективните права низ уставниот поредок и владеењето на правото.
Припадникот на нацијата надвор (преку пасош) ја добива правната заштита од својата држава во случај на потреба.
Македонецот, Албанецот, Турчинот, Ромот, Србинот, Бошњакот, Влавот… Бугаринот, Хрватот, Словенецот, Торбешот, Еѓипќанецот… во Северна Македонија ги остварува своите колективни права согласно Уставот вклучително одредбите произведени од Рамковниот договор.
Согласно дефинициите кои всушност не се новитет на 2001, туку повторно ги воведоа во уставниот поредок одредбите од амандманите на Уставот на СРМ од 1971 потоа потврдени во Уставот од 1974, пред да се укинат 1991.
Во оваа смисла, нацијата на Северна Македонија е враќањето на македонскиот народ на позицијата на одговорност кон себе и кон сите свои сограѓани – низ гарантирање рамноправност и пристап до можностите во модерната нација, а не исклучивост”, пишува Величковски кој сака сите граѓани на Македонија да ги измикса во Северномакедонска нација.
Величковски го обвинува Македонците за исклучивост кон немакедонците кој според него е инструментот за контрола на Белград врз Скопје во (пост)југословенската ера.
,,Само системот што може да биде исклучив кон немакедонците – може да биде ексклузивен за подобните, системските македонци – наспроти Македонците”, пишува Величковски во кофузната теза.
Тој тврди дека сите Македонци што се противат на Северномакедонска нација се дел од некаква олигархиска завера поддржана од најголемите партии во Македонија.
“Од тука произлегува отпорот на олигархијата и нејзините традиционални партии кон концептот на нацијата на Северна Македонија, односно северномакедонската нација и секој атрибут изведен од името на државата.
И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сега бегаат од уставното име на државата: Северна Македонија не е – југословенска.
Затоа што северномакедонскиот национален идентитет на модерна, суверена, самостојна нација – е гарантот на сите наши етнички идентитети, на секој од народите во нацијата – и со тоа и на македонскиот народ, без тоа да го бараме од некого надвор, туку затоа што секој од нас е тоа што е и не бара дозвола за тоа. Како и сите други впрочем.
Тоа е заедничкиот елемент на Преспанскиот, “Софискиот” и – Рамковниот договор. Затоа трите се на удар на традиционалните партии и медиуми, сосе нивните сопственици”, пишува во својата теза Величковски тврдејќи притоа дека во отпорот кон неговата идеја што е топло прифатена во Софија и Атина има уште еден елемент, наводниот српски свет кој на барање на бугарските европратеници се појави во Извештајот на ЕП за Македонија а е теза која паралелно ја туркаат Бугарија и ДУИ.
Во својот долг текст Величковски тврди дека Северномакедонскиот национализам е непријатен за југомакедонизмот затоа што открива дека југо-службите се бореле против сепаратизмот на конститутивните народи во СФРЈ, вклучително на македонскиот.
Северномакедонскиот национализам всушност е потреба на (секој граѓанин и на) секој народ во Северна Македонија, пишува Величковски кој најавува дека оваа теза е неговата идеолошки концепт за настап на неговото движење Нова Република доколку успее да собере 1000 потписи за регистрација на партија.
,,Овој концепт на нова република на нацијата секако не може да го обмислат, водат и реализираат традиционалните партии, затоа што тие се само последица на југомакедониззмот
Наше е да се подготвиме за вистинските прашање кои доаѓаат со предвремените избори догодина”, пишува Величковски кој целиот свој живот е во политиката или во младинските организации финансирани од државата.
Пред дваесетина дена Величковски јавно застана во одбрана на екс министерот за надворешни работи Бујар Османи за потпишувањето на протоколите со Бугарија и преговарачката рамка со ЕУ и ги обвини исклучиво македонските шефови на дипломатијата за проблемите на патот кон Брисел.
Фото: Принт скрин ФБ профил на И.В.