Министерството за внатрешни работи соопшти дека е приведен струмичанец, кој управувајќи возило под дејство на алкохол во крвта од 1,75 промили, учествувал во сообраќајна несреќа во која животот го загубила 19-годишна девојка кја возела мотоцикл.
„На 13.08.2026 година, во Граничната полициска станица Струмица е пријавено дека околу 23:30 часот на главниот пат кон граничниот премин Струмица – Ново Село, во атарот на село Терново, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Сеат Леон“ со струмички регистарски ознаки, управувано од С.Б. (29) од Струмица и мотоцикл без регистарски ознаки, управуван од А.Д. (19) од село Иловица.
Во несреќата, од здобиените повреди на местото на настанот починала 19-годишната К.Ј., која била сопатничка на мотоциклот. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош.
Возачот на мотоциклот, А.Д., се здобил со телесни повреди, кои му биле констатирани во Медицинскиот центар во Струмица.
При алкотестирањето на возачот на „Сеат Леон“ било утврдено дека управувал под дејство на алкохол. Кај него биле измерени 1,75 промили алкохол во крвта, по што бил лишен од слобода.
При увидот било утврдено и дека 19-годишниот возач на мотоциклот го управувал возилото без да биде регистрирано и пред да стекне право на управување со моторно возило.
Поради вршењето на увидот, сообраќајот на магистралниот пат Струмица – ГП Ново Село, кај селото Турново, бил целосно во прекин во двата правци од полноќ до 2:30 часот.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатата девојка е предадено на обдукција.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.