Аеродромите во Скопје и Охрид бележат значителен раст на авиосообраќајот, со повеќе од два милиони патници во првите шест месеци од годинава, што претставува зголемување од 32 отсто во споредба со истиот период лани, а растот е резултат на новата политика за привлекување и субвенционирање директни авиолинии.

Во последните година и половина се воведени нови дестинации од двата македонски аеродроми, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

„Од двата аеродроми имаме 28 нови дестинации во изминативе година и половина. Минатата година имаше голем раст, а оваа година имаме историски раст. Во првите шест месеци двата аеродроми заедно имаат раст од 32 проценти“, рече Николоски.

Тој посочи дека минатата година низ двата аеродроми поминале околу три милиони патници, додека годинава бројката веќе надминала два милиони. Оттука, според него, до крајот на годината е можно да се достигнат четири милиони патници.

„Ако тоа не се случи во 2026, тогаш сигурно во 2027 година ќе стигнеме до четири милиони патници“, изјави Николоски.

Како што посочи министерот, скопскиот и охридскиот аеродром во јули поставиле рекорд по бројот на воздушни операции.

„Во еден ден во јули на Скопскиот аеродром имаше 101 воздушна операција – слетувања и полетувања, а на Охридскиот имаше 21. Тоа е апсолутен рекорд кој претходно не е забележан“, нагласи Николоски.

Тој информираше и дека „Виз Ер“ ја има својата трета најголема база во Европа во Скопје, со седум авиони. Во периодот што следува се очекува еден авион да биде стациониран и во Охрид, а со зимскиот ред на летање се најавуваат и нови дестинации.