Македонија

Денови на Светата Мајка Тереза

Со свечено отворање кај Порта Македонија, денеска во Скопје ќе започне манифестацијата која ќе се одржува до 5 септември по повод 10-годишнината од канонизацијата на светицата родена на денешен ден во македонската престолнина

 

 

Владина делегација предводена од првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали денеска ќе положи цвеќе пред спомен-плочата на местото на родната куќа на Мајка Тереза, во центарот на Скопје, по повод роденденот на светицата.

Мајка Тереза, е родена како Гонџа Агнес Бојаџиуна 26 август 1910 година, во Скопје на тогашната улица „Поп Кочина“ број 14, која што се наоѓала на сегашниот Плоштад „Македонија“.

На млади години заминала во Индија, каде што го започнала своето долгогодишно хуманитарно дело. Таа го основала редот Мисионерки на милосрдието, организација која со текот на годините прераснала во меѓународна мрежа посветена на грижата за најранливите.

Нејзината работа добила светско признание, а во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир. Наградата ѝ била доделена за нејзината посветеност и исклучително широката хуманитарна дејност во помагањето на сиромашните и најзагрозените луѓе ширум светот.

Мајка Тереза најголемиот дел од својот живот го поминала во Калкута, Индија, каде што продолжила да се грижи за луѓето кои живееле во крајна сиромаштија и тешки услови.

Починала во Калкута на 5 септември 1997 година, на 87-годишна возраст. Нејзиното дело и денес останува поврзано со хуманоста, милосрдието и помошта кон оние на кои им е најпотребна.

Папата ја канонизирал Мајка Тереза на 4 септември 2016 на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан пред десетици илјади луѓе.

Со свечено отворање кај Порта Македонија, денеска во Скопје ќе започне манифестацијата „Денови на Света Мајка Тереза“, која ќе се одржува до 5 септември по повод нејзиниот роденден и 10-годишнината од канонизацијата на светицата родена во македонската престолнина.

Почетокот ее закажан за денеска во 19:30 часот кај Порта Македонија. Пред присутните ќе се обрати скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, со излагање на тема „Скопјанката од Калкута која го промени светот“, додека м-р Љерка Тот Наумова ќе говори за животниот пат и хуманитарната мисија на Мајка Тереза.

Програмата ќе продолжи на 31 август во капелата на Спомен-куќата на Мајка Тереза, со почеток во 19:30 часот. Предвиден е настап на Серафина Фантауза со „Ave Maria“ од Шуберт, читање избрани цитати од Мајка Тереза на македонски и англиски јазик од м-р Еленора Николовска, како и молитвен дел со Мисионерките на Љубовта од Скопје. На крајот епископот Стојанов ќе го подели својот благослов.

На 1 септември, во Домот на култура „Кочо Рацин“, со почеток во 19:30 часот, ќе се одржи поетска вечер со песни посветени на Мајка Тереза. На настанот ќе настапат Еленора Николовска, Оливера Јовановска, Делвина Крлуку, Виолета Ачкоска, Благојка Филипчева и Љерка Тот Наумова. Во музичкиот дел ќе настапат м-р Јулија Нелковска на виолина и Филип Костов на гитара. Во рамките на вечерта ќе биде поставена и продажна изложба на уметнички дела од македонски академски сликари, подарени на Католичката црква, а приходот е наменет за сиромашните лица, штитеници на Македонски Каритас.

На 3 септември, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, во 19:30 часот, ќе се одржи концерт на Мандолинскиот оркестар „Скопје“ во чест на Мајка Тереза, под диригентство на Ерхан Шукри.

Во петок, 4 септември, во претпладневните часови монсињор д-р Киро Стојанов и избрана делегација ќе посетат ранливи семејства и ќе им подарат пакети со храна и хигиенски производи. Истиот ден во 18 часот, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, монсињор Стојанов ќе ја предводи светата Литургија, а веднаш потоа дон Давор Топиќ ќе ги сподели своите впечатоци од канонизацијата на Мајка Тереза во 2016 година.

Манифестацијата ќе заврши во сабота, 5 септември, со понтификална света Литургија во 18 часот во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Светата Литургија ќе ја предводи монсињор д-р Петар Палиќ, Мостарско-дувањски бискуп и Требињско-мркански апостолски администратор, во заедништво со домашниот бискуп монсињор Киро Стојанов, како и други бискупи гости, поканети за оваа прилика.

Во пресрет на отворањето на манифестацијата, утре во 11 часот во Спомен-куќата на Мајка Тереза ќе бидат отворени три тематски изложби посветени на нејзиниот живот и наследство. Посетителите ќе можат да ги разгледаат поставките „Мирот започнува со насмевка“, „Наследството на Мајка Тереза“ и „Апостолот на мирот и љубовта преку зборовите на познатите“, кои преку фотографии, сведоштва и инспиративни пораки го претставуваат нејзиното дело и влијание во светот.

Најнови вести од: Македонија

Самсунг ќе воспостави производна линија за HVAC системи во Јужна Кореја

Инвестирајќи приближно 240 милијарди корејски вони (158 милиони американски долари), компанијата ќе отвори нова производна линија за HVAC системи во Гвангжу, Јужна Кореја, до 2028 година
Производната линија ќе се фокусира на HVAC системите на “FläktGroup“, вклучително и решенија за ладење на дата-центри за вештачка интелигенција

To top