Македонија

Ковачевски контра Филипче

Реакцијата на Ковачевски следува откако сите девет советници во Пехчево вчера едногласно гласаа против иницијативата на приватен инвеститор за почнување постапка за урбанистичка документација за дата-центар, а петседателот на СДСМ Венко Филипче повика да се сопре изградбата.

Поранешниот премиер и актуелен пратеник на СДСМ, Димитар Ковачевски, со саркастична порака реагираше на одлуката на Советот на Општина Пехчево да ја отфрли иницијативата за урбанистичка документација за изградба на дата-центар, со што испрати поинаков сигнал од актуелното раководство на неговата партија.

  • „Имала среќа Америка што Пехчево не е во Силиконска долина, а богами и Кина што Пехчево не е во Шангај… што би правеле денес со вишокот вода“, напиша Ковачевски на социјалните мрежи.

Неговата реакција следуваше откако сите девет советници во Пехчево вчера едногласно гласаа против иницијативата на приватен инвеститор за почнување постапка за урбанистичка документација за дата-центар. Со овој саркастичен коментар Ковачевски остава впечаток дека не се согласува со генералното отфрлање на ваквите инвестиции, само еден ден откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, излезе со значително поостар став.

Филипче повика на „национална мобилизација“ против плановите за дата-центри, тврдејќи дека тие можат да ги доведат под ризик расположливите количини вода и електрична енергија. Тој ги повика советниците низ државата и граѓаните да се обединат и порача: „Мораме да ги запреме дата-центрите“.

Лидерот на СДСМ тврди дека Владата сака водата и електричната енергија да ги стави во функција на странски дата-центри, предупредувајќи и на можноста трошоците на крајот да паднат врз граѓаните преку повисоки сметки.

Така, за само 24 часа од двајца високи функционери на СДСМ стигнаа различни политички пораки. Додека Филипче бара пошироко обединување за спречување на дата-центрите, Ковачевски преку споредбата со Силиконската долина и Шангај саркастично ја коментира одлуката да се отфрли инвестицијата во Пехчево.

Сепак, одлуката во Пехчево не беше донесена само со гласовите на СДСМ. Против иницијативата гласаа сите советници – петмина од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца од СДСМ и еден од ЗНАМ. Како причини во јавната расправа беа посочени недостигот на информации за инвеститорот, потрошувачката на вода и електрична енергија и за можните последици врз животната средина.

Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, посочи дека Општината во моментов нема стручна студија врз основа на која прецизно би се утврдиле потрошувачката на ресурси и влијанието на евентуален дата-центар, поради што побара темата да не се сведува на шпекулации за позитивните или негативните ефекти.

Различниот тон меѓу Ковачевски и актуелното раководство на СДСМ сега отвора и прашање дали во најголемата опозициска партија постои единствен став за дата-центрите – дали тие принципиелно се против вакви инвестиции или бараат нивна изградба само под строго утврдени услови за вода, енергија, инфраструктура и заштита на животната средина.

Најнови вести од: Македонија

Меџити: Приштина и Скопје не биле никогаш поблиски, патот Скопје-Блаце ќе го зголеми сообраќајот меѓу Косово и Македонија

Сопретседателот на Вреди Изет Меџити изјави дека во изминатите две години врската меѓу Косово и Македонија е зајакната, посочувајќи дека „никогаш досега Приштина и Скопје не биле поблиску“.

Симов: Да бидеш против дата центар е исто како да си против хидроцентрали и енергетска мрежа пред 100 години

Претседателот на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, Орце Симов во објава на Фејсбук вели да се биде против дата центар денеска е исто како да се биде против хидроцентрали и енергетска мрежа пред 100 години.

Во Грција годинава изречени 741 казна од 1,2 милиони евра за предизвикување пожари и биле уапсени 314 лица

Од 1 јануари годинава до денес според податоците од противпожарната служба на Грција, 89 отсто од случаите се однесуваат на пожари предизвикани од невнимание, за што биле уапсени 279 лица, а 35 лица (11 проценти) биле уапсени за намерно предизвикани пожари.

До 12.000 деца на возраст од 12 до 17 години во Македонија годишно изложени на сексуална злоупотреба преку интернет!

До 12.000 деца на возраст од 12 до 17 години во Македонија во период од една година може да биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата, покажуваат алармантните резултати од истражувањето „Прекинување на штетата“ („Disrupting Harm“).

Николоски: Градиме нов автопат, за подобро поврзување со Косово и Црна Гора, ја градиме Македонија

Проектот ќе донесе развој и посилно регионално поврзување, отворајќи нови можности за пристап до пристаништата Драч и Бар и дополнително зацврстувајќи ја позицијата на Македонија како транспортна раскрсница на Балканот.

To top