Официјална бугарска делегација која од 24 август е во Украина, синоќа се најде под силно руско гранатирање на украинскиот град Одеса
Тие присуствувале на одбележувањето и прославата на 205-годишнината од Болград, објавија бугарски медиуми.
Во неа се претседателката на парламентарниот комитет за туризам Росица Кирова, амбасадорот на Бугарија во Украина, Златин Крастев, и генералниот конзул на Бугарија во Одеса Светослав Иванов.
За време на посетата, биле одржани средби со претставници на бугарската заедница во Измаил, Болград и општина Бесарабија, а средба е закажана и во Одеса за денес.
Бугарите во областта на Одеса бројат над 150.000 луѓе и се трети по големина според последниот официјален попис во Украина.
Околу 50-60 илјади Бугари живеат во самиот град Одеса. Најголемото компактно бугарско население е концентрирано во Болградската, Измаилската и Белгородско-Днестарската област.
Рускиот напад врз регионот Одеса во текот на изминатата ноќ траеел повеќе од седум часа.
Според началникот на регионалната воена администрација на Одеса, Олег Кипер, руските сили нападнаа цивилна инфраструктура со ракети и беспилотни летала во текот на целата ноќ.