Берлинската полиција не е во можност да ги спроведе планираните депортации на мигранти поради недостиг на исправни возила, објави весникот „Велт“, повикувајќи се на предупредување од полицискиот синдикат за лошата состојба на возниот парк во германската престолнина.
Неколку операции не можеле да се спроведат според планот бидејќи полицајците, едноставно, немале доволно возила за да ги преземат лицата предвидени за враќање во нивните матични земји, изјави за весникот Франк Тајхерт, претседател на берлинскиот огранок на Германскиот полициски синдикат.
Недостигот предизвика значителна фрустрација, претворајќи ја секоја најавена „офанзива за депортација“ во „сатира од реалниот живот“ на терен, рече тој.
Според податоците од парламентарната истрага, околу 159 од вкупно 3.304 полициски возила во Берлин биле недостапни поради сервисирање или поправки. Тајхерт исто така наведе дека повеќе од половината од возниот парк исполнува барем еден критериум за замена.
Проблемите произлегуваат од долгогодишното недоволно финансирање, изјави Бенjамин Jендро, портпарол на полицискиот синдикат. Полицајците редовно се соочуваат со истрошени сопирачки, појаси, токи и внатрешност на возилата, додека буџетот за возила останува на нивото од 2016–2017 година, и покрај повисоките цени и зголемените потреби.