Хроника

Од Аудито не остана ништо – словенечката полиција објави детали за сообраќајката

Детали од несреќата во Словенија

Словенечката полиција објави нови детали за тешката сообраќајна несреќа на приморскиот автопат, во која загинаа тројца македонски државјани – четиригодишно девојче, нејзиниот 11-годишен брат и нивната 74-годишна баба.

Полицискиот инспектор Петер Лебан од Полициската управа Копер потврди дека во „ауди А4“ со италијански регистарски таблички патувало едно семејство кое живеело во Равена, Италија. Загинатата 74-годишна жена била мајка на возачот, а двете деца негови син и ќерка.

„Загинаа мајката на возачот и неговите две деца, четиригодишната ќерка и 11-годишниот син“, појаснил Лебан.

Зад воланот бил 39-годишниот татко. Неговата 33-годишна сопруга седела на задното лево седиште, непосредно зад возачот, потврди Лебан. Таа била врзана со сигурносен појас и во несреќата се здобила со полесни повреди, но поради околностите со хеликоптер била пренесена во болница.

Двете деца биле на задните седишта, но не биле врзани со сигурносни појаси, според информациите што полицијата ги соопшти денеска. Бабата веројатно била на совозачкото седишта.

Првичните информации дека и двајцата преживеани биле повредени сега се прецизирани. Според Лебан, 39-годишниот возач не бил повреден, иако по несреќата со Брза помош бил однесен во болница. Неговата 33-годишна сопруга има полесни телесни повреди. Двајцата возрасни користеле сигурносни појаси.

Полицијата го тестирала возачот и за алкохол и за дроги. И алкотестот и брзиот тест за наркотични средства биле негативни. Истражителите сè уште утврдуваат што се случувало непосредно пред ударот и, меѓу другото, ја проверуваат и можноста возачот да заспал. Тоа засега е само една од истражните насоки, а не утврдена причина за несреќата.

Според досегашната реконструкција на PU Koper, 64-годишен државјанин на Босна и Херцеговина поради дефект го запрел камионот во ниша покрај автопатот. „Аудито“ кое се движело кон Копер со десниот дел најпрво ја закачило заштитната ограда, а потоа силно удрило во задниот лев дел од приколката на камионот. Возачот на камионот во тој момент бил во кабината и не бил повреден.

Точната причина зошто 39-годишниот возач ја изгубил траекторијата сè уште не е утврдена.

„Точниот тек на несреќата сè уште се истражува“, соопшти PU Koper, додавајќи дека по завршување на истрагата против причинителот ќе биде поднесена кривична пријава за предизвикување сообраќајна несреќа од небрежност. Во увидот учествувале и државен обвинител и истражен судија.

Претходно македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија потврди дека тројца македонски државјани, едно полнолетно и две малолетни лица, загинале во тешка сообраќајна несреќа што се случила вчера на автопатот А1 во близина на Унец, Словенија.

– До Амбасадата на Македонија во Љубљана е доставено официјално известување од словенечката полиција за тешка сообраќајна незгода што се случила на 27 август 2026 година на автопатот А1, во близина на Унец. Во незгодата животот го загубиле три лица – едно полнолетно и две малолетни лица, државјани на Република Северна Македонија. Повредени се уште две лица кои се наоѓале во возилото и кои исто така се македонски државјани. Случајот го обработуваат надлежните полициски органи во Копер – стои во соопштението.

Најнови вести од: Хроника

Уапсени возачи од Србија и Холандија, кај Демир Капија возеле со 168 до 177 километри на час!

МВР информира дека синоќа, на 26 август 2026 година, околу 22 часот на граничниот премин Табановце, на излез од државата, полициски службеници извршиле проверка на патничко возило „мерцедес бенц“ со српски национални ознаки, управувано од 51-годишната И.М од Србија.

To top