Во услови кога на државно ниво се бележи намалување на бројот на запишани ученици, растот на бројот на првачиња во општина Илинден е особено позитивен показател за развојот на општината, како и на зголемување на бројот на млади семејства и деца кои живеат во неа. По повод почетокот на учебната година, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, ги посети општинските основни училишта „Гоце Делчев“, „Ристо Крле“ и „Браќа Миладиновци“, им посака добредојде на најмладите ученици и им подели ранци со училишен прибор.
Покрај традиционалното обезбедување ранци и училишен прибор за секое прваче, оваа година Општина Илинден воведе и нова мерка за поддршка на семејствата, каде за првпат, секое прваче добива и финансиска поддршка во износ од 3.000 денари. Со оваа мерка, Општина Илинден дополнително им помага на родителите во периодот кога започнуваат новите училишни обврски, а воедно ја потврдува определбата за континуирана поддршка на најмладите жители и нивните семејства.
Во текот на летниот распуст, во училиштата на територија на Општина Илинден беа реализирани повеќе активности за подготовка на објектите и подобрување на условите за непречено одвивање на воспитно-образовниот процес, што дополнително ја потврдува заложбата на општината за подобрување на воспитно-образовниот процес на учениците. Во основните училишта на територија на општината годинава има околу 1.630 ученици, додека во средното училиште има 300 ученици.