Унгарската групација 4iG и американската SpaceX потпишаа договори за воведување на сателитските услуги Starlink Mobile и Sovereign Solutions на европскиот пазар. Според компаниите, станува збор за чекор кон нова генерација сателитска поврзаност.
Договорите беа потпишани во Тексас. Потписи ставија Гелерт Јасаи, претседател и извршен директор на 4iG, и Гвин Шотвел, претседателка и главна оперативна директорка на SpaceX.
4iG најавува дека ќе ја пушти во комерцијална употреба услугата Starlink Mobile. Таа треба да ги надополни постојните мобилни мрежи таму каде што покриеноста е слаба или ја нема. Технологијата овозможува обични компатибилни мобилни телефони директно да се поврзат со сателитската мрежа Starlink, без потреба од посебна антена или дополнителна опрема.
Подоцна ќе следи и втората генерација – Starlink Mobile V2. Таа ќе работи на спектар од 2 GHz и ќе понуди проширени можности. Планирано е да се воведе во Унгарија, Албанија, Црна Гора и Северна Македонија.
Договорот вклучува и Sovereign Solutions – безбедни сателитски комуникации наменети за национална безбедност и критична инфраструктура.
„Групацијата 4iG и SpaceX развија модел кој ја обединува комерцијалната сателитско-мобилна поврзаност со сателитските решенија за безбедни комуникации“, изјави Гелерт Јасаи.
Од SpaceX нагласуваат дека Starlink Mobile V2 ќе овозможи директна врска меѓу мобилните телефони и сателитите, со што ќе се подобри пристапот до интернет во подрачја со ограничена покриеност.
Со оваа соработка двете компании најавуваат пошироко присуство во Европа во телекомуникациите, сателитските услуги и дигиталната инфраструктура.